Група од дваесетина туристи од Сингапур и Јапонија преку Романија доаѓаат во Македонија, а како превенција од коронавирусот епидемиолозите ќе ги пречекаат и ќе направат контроли дали некој од нив има сомнителни симптоми, информира министерот за здравство Венко Филипче.
„Туристите преку Бугарија ќе пристигнат на граничниот премин ‘Деве Баир’, а локалниот центар за јавно здравје ќе го пречека автобусот. Тие ќе бидат интервјуирани и по потреба прегледани. Доаѓаат од Романија каде што има регистрирано случаи на коронавирус, што е дополнителна причина да бидеме повнимателни“,
изјави Филипче.
Препораките за неодржување јавни собири најмалку уште една недела, Филипче вели засега ќе останат на ниво на апел, затоа што, како што рече, нема локална трансмисија на коронавирусот, па нема потреба од поригорозни мерки и забрани. Спортските натпревари ќе се играат без публика.
Сите оние што се во изолација, министерот вели се здрави и немаат симптоми на коронавирус.
И последните двајца туристи што вчера беа ставени во карантин во хотел во центарот на Скопје, откако покажале негативни резултати биле препратени на Инфективната клиника каде што добиле соодветна терапија за нивната здравствена состојба, па биле пуштени.
Негативни резултати вчера покажа и единствениот регистриран случај на коронавирус земјава – педесетгодишната жена која сè уште е на Инфективната клиника во Скопје и е во стабилна состојба. Сепак, тестирањето се чека да биде повторено уште еднаш и со сигурност да се знае дали таа е преносител на вирусот.