Двајцата странци што беа во карантин во хотел во центарот на Скопје немаат коронавирус, покажале тестовите на кои тие беа подложени денеска откако пријавиле симптоми на настинка.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата претходно денеска, се работи за еден државјанин на Австралија и еден на Сингапур, кои во земјава пристигнале на 28 февруари со авион на „Визер“ од Келн.
По пријава на хотелот во кој престојувале, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје – Скопје од пациентите земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба, каде тие останаа до добивањето на резултатите. Попладнево ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата.
Освен нив, во моментов нема други лица што се испитуваат за коронавирус.
Филипче денеска предложи, како превенција, да се продолжи рокот на препораките за ограничување на јавните собири за уште една недела – до 13 март, а спортските натпревари ќе се играат без публика.
Исто така, се воведува и новина во мерките за превенција со вклучувањето на мобилните оператори, кои со СМС-пораки ќе ги известуваат сите што влегуваат во земјава за тоа како треба да постапат во случај да им се појават симптоми на коронавирусот.