Се работи за државјанин на Австралија и државјанин на Сингапур, кои на 28 февруари во Скопје дошле со авион од Келн. Тие неколку дена имаат симптоми на настинка и не ја напуштиле хотелската соба, каде што се во изолација до добивање на резултатите
Двајца странци сместени во хотел во центарот во Скопје се ставени во изолација во хотелската соба откако пријавиле дека имаат симптоми на настинка, информира министерот за здравство Венко Филипче. Двајцата стигнале во земјава на 28 февруари со авион на „Визер“ од Келн, а во моментов епидемиолози испитуваат со кого сè биле во контакт изминатиов период.
Резултатите од тестирањето за коронавирус Филипче најави дека ќе стигнат за неколку часа, кога ќе се знае како ќе се постапува понатаму.
„Едниот е државјанин на Австралија, другиот на Сингапур. Заедно дошле со авион од Келн, Германија. Засега остануваат во хотелската соба од каде што не излегле неколку дена. Ако се позитивни на коронавирусот, имаме конкретен алгоритам како ќе постапуваме понатаму“,
изјави Филипче.
Тој рече дека освен нив, нема други лица што се испитуваат за коронавирус.
Дополнително, како превенција се продолжува рокот на препораките за ограничување на јавните собири уште една недела – до 13 март, а спортските натпревари ќе се играат без публика.
Новина е и вклучувањето на мобилните оператори, кои, како што најави Филипче, со СМС-пораки ќе ги известуваат сите што влегуваат во земјава за тоа како треба да постапат во случај да им се појават симптоми на коронавирусот.