Министерството за здравство информира дека денеска повторно била тестирана на коронавирус единствената заразена пациентка кај нас и дека тестот бил негативен.
„Направен е контролен тест на единствената заболена пациентка од коронавирус и нејзината ќерка, со која таа е во контакт и двете се во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Тестот на пациентката е негативен на коронавирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, тој ќе биде повторен по 48 часа. На корона е негативна и нејзината ќерка“,
информира Министерството.
На денешната прес-конференција, министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека утрово на редовниот состанок со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбата со коронавирусот било предложено Владата да ја продолжи препораката за неодржување на јавни масовни собири и спортски натпревари без публика, до 13 март. Препораката ќе биде ставена на дневен ред на утрешната седница на Владата.
На барање на Министерството за здравство, во соработка со мобилните оператори, сите патници од странство, при влез во нашата држава, ќе добиваат СМС порака со препорака да се јават на телефонскиот број на Институтот за јавно здравје доколку имаат симптоми на вирусот, независно на кој од четирите оператори ќе се поврзат.
Од коронавирусот досега закрепнале повеќе од 53.972 лица низ светот, се наведува на сајтот Ворлдометарс, кој користи податоци од светски службени и новински агенции.
Со новиот коронавирус досега се заразиле 96.779 лица, а моментниот број изнесува 39.499, од кои 84 отсто (33.078) имаат полесен облик на болеста, а 16 отсто (6.421) се наоѓаат во критична состојба.
Смртноста од Ковид-19, според извештаите на Светската здравствена организација, е 3,4 проценти, а проширен е на територијата на 87 држави.
Земјата во која има најголем број заразени е Кина, каде од последиците на коронавирусот починаа 3.013 луѓе. Според бројот на инфицирани од Ковид-19 на второ место се наоѓа Јужна Кореја, потоа Иран, а во Европа најмногу заболени има во Италија.