ЕК претходно најави амбициозна цел – до крајот на летото да се вакцинира 70% од населението, но ако вакцинацијата продолжи со ова темпо, би можеле да се вакцинираат само 15%
Ќе успее ли амбициозниот план на Европската комисија (ЕК) до крајот на летото 2021 да вакцинира 70% од населението, е прашањето кое се наметнува откако дел од компаниите најавија доцнење на испораката за вакцина.
Од раководството на Европската Унија (ЕУ), најавуваат притисок врз фармацевтските компании за да ги испочитуваат договорите за набавката на вакцина.
„Со користење на сите легални средства кои ни се на располагање, планираме да ги натераме фармацевтските компании да ги почитуваат договорите што ги потпишаа“,
изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во интервју за радио „Европа 1“.
Тој во интервјуто не споменува можни санкции, но наведува дека Унијата ќе инсистира на транспарентност од компаниите во однос на причините за одложување.
Досега две компании официјално објавија за успорување на процесот на набавка. Компанијата „Фајзер“ минатата недела соопшти дека времено ги намалила количините на производство на вакцини за Европа, со цел да направи промени во производството за да се зголеми бројот на произведени дози.
И претставници на фармацевтстката компанија „Астра Зенека“ најавиле доцнење во испораката на вакцините, потврди вчера еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес. И таа посочи дека ќе инсистираат од оваа компанија да добијат прецизен план за да можат да го планираат процесот на вакцинација доколку нејзината вакцина се одобри за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Планот кој претходно го соопшти ЕУ е до крајот на летото односно до 22 септември 2021 да се вакцинира 70% од возрасното население. Меѓутоа, ваквиот план засега е далеку од достижен, покажува последната анализа на „Политико“.
Ако се продолжи со сегашното темпо на вакцинација, земјите од ЕУ до крајот на септември би вакцинирале само 15% од населението, па за да ја постигне целта на ниво на Унијата во просек би требало да ја забрза вакцинацијата за пет пати споредено со просекот од пред една недела.
„Со сегашното темпо, ЕУ како целина нема да може да ја постигне целта до март 2024 година“,
пишува во анализата на „Политико“.
Од земјите-членки, најспоро процесот се спроведува во Бугарија која ако продолжи така, 70% од населението би вакцинирала дури во 2040 година. Најнапред е Малта, која целта би можела да ја исполни целта ако за два пати го зголеми капацитетот на тестирање.
Велика Британија, пак, која повеќе не е дел од ЕУ, е шампион на европскиот континент. Таа започна со вакцинација неколку недели пред земјите од Унијата, а ако го задржи сегашното темпо до крајот на летото би вакцинирала 83% од возрасното население.