Од ЕУ велат дека вчерашните избори за градоначалници на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток и за советите на општините Звечан и Лепосавиќ се одржани во согласност со законската рамка на Косово и дека се направени напори тие да поминат без проблеми

Локалните избори на северот на Косово не нудат долгорочно политичко решение за четирите општини во кои се одржаа, а тоа е можно само со трајно враќање на косовските Срби во институциите, што Косово треба да го овозможи, соопшти денеска Европската служба за надворешни прашања (ЕЕАС).
Од ЕУ велат дека вчерашните избори за градоначалници на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток и за советите на општините Звечан и Лепосавиќ се одржани во согласност со законската рамка на Косово и дека се направени напори тие да поминат без проблеми.
Во соопштението се наведува дека во исто време ЕУ жали што не сите партии и заедници го искористиле своето демократско право да учествуваат и да гласаат на изборите.
„Многу слабиот одѕив, особено меѓу граѓаните на косовските Срби, покажува дека овој процес не е и не може да се смета за вообичаен“,
се вели во соопштението.
Портпаролот на ЕЕАС, Петер Стано, во писменото соопштение наведува дека целта на учеството во изборните процеси е да се осигура дека се слушаат гласовите на заедниците што се претставени од избраните лидери.
„Откако косовските Срби ги напуштија косовските институции на северот на Косово во ноември 2022 година, ЕУ е постојано ангажирана со обете страни за да го олесни нивното враќање. Императив е итно да ја вратиме ситуацијата во која косовските Срби активно учествуваат во локалната власт, полицијата и правосудството на северот на Косово“,
вели Стано.
Тој додава дека за таа цел има итна потреба од сериозен дијалог меѓу владата на Косово и косовските Срби на северот.
„Досега е постигнат мал напредок. Затоа, ни треба двете страни да ја одиграат својата улога и да ги исполнат своите обврски. Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија е вистинската платформа за постигнување на оваа цел“,
додава Стано во соопштението.
Портпаролот на ЕЕАС, Стано, вели дека ЕУ го поздравува професионализмот на косовската полиција и мисиите ЕУЛЕКС и КФОР во обезбедувањето безбедна средина за изборите.
Денеска и Амбасадата на САД во Приштина соопшти дека вонредните локални избори на северот на Косово се одржале во согласност со Уставот и законите на државата и изрази жалење што сите партии не го искористиле своето право на учество.
Во соопштението од Амбасадата се вели дека САД ја поддржуваат разновидната, инклузивна, мултиетничка демократија во Косово и изборите што ја поткрепуваат.
Косовскиот премиер Албин Курти денеска им честиташе на новоизбраните градоначалници на општините на северот на Косово со порака дека треба посветено да ги извршуваат своите должности и да им служат на граѓаните.
За избраните градоначалници, Курти вели дека ја добијат поддршката и помошта од владата во Приштина.
Врз основа на прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, кандидатите на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ и Љуљзим Хетеми, победија во Северна Митровица, односно во Лепосавиќ.
Измир Зеќири, кандидат на Демократската партија на Косово, ќе биде нов градоначалник на Зубин Поток, а неговиот сопартиец Илир Пеци ќе биде прв човек на Звечан.
Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, ги бојкотираше овие избори, на кои излегоа 1 567 гласачи, односно само 3,47 отсто од над 45 000 кои имале право на глас.