Врз основа на прелиминарните резултати, движењето Самоопределување победило во Северна Митровица и Лепосавиќ, а Демократската партија на Косово победила во Зубин Поток и Звечан
На вчерашните локални избори на северот на Косово излегле 1 567 граѓани, односно само 3,47 отсто од над 45 000 кои имале право на глас, соопшти косовската Централна изборна комисија.
Врз основа на прелиминарните резултати, движењето Самоопределување победило во Северна Митровица и Лепосавиќ, а Демократската партија на Косово победила во Зубин Поток и Звечан, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Вонредни локални избори вчера се одржаа во четири општини со мнозинско српско население: Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ.
Според ЦИК, за време на изборниот процес не се забележани инциденти. Најмногу гласови добиле кандидатите на Самоопределување и на ДПК.
На локалните избори беа пријавени десет кандидати, од кои само еден беше од српската заедница – Слаѓана Пантовиќ, независен кандидат за градоначалник на Општина Звечан.
Општините на северот на Косово се без градоначалници од ноември минатата година, кога српските претставници поднесоа оставки од своите функции, поради несогласување со одлуката на владата во Приштина да ги пререгистрира автомобилите со српски таблички.