Лидерот на Партијата на косовските Срби, Александар Јаблановиќ, кој на 20 април објави дека се повлекува од денешните локални избори на северот на Косово, за „Н1“ изјави дека одлуката требало да ја донесе порано, но дека до последен момент не се знаело каква улога ќе „одиграат“ Централната изборна комисија и Приштина.
„Ова станаа избори кои се сè, само не локални, и како некој во Приштина да посакал нашата локална пресметка меѓу некои српски политички партии, да прерасне во нешто повеќе и да им се даде можност да се вмешаат од Приштина. Ние не сакавме да учествуваме во таа игра и едноставно ја испочитувавме поканата на нашата земја и волјата и расположението на овие граѓани овде, нашите Срби, бидејќи гледате дека дури и оние луѓе кои би излегле и би гласале за Партијата на Србите, не би го направиле тоа во опуштена ситуација како што треба да е на избори“,
рече Јаблановиќ.
Тој додаде дека за Србите ова не се избори, туку провокација.
„Ако некој мисли дека со Србите може да се владее со помош на 10, 20 или 200 гласа, тогаш тој човек не ги познава доволно Србите“.
рече Јаблановиќ.
Александар Јаблановиќ на 20 април објави дека се повлекува од денешните локални избори кои се одржуваат во четири општини на северот на Косово.
Вонредните локални избори се одржуваат во општините со мнозинско српско население на северот на Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – откако градоначалниците од редовите на Српска листа поднесоа оставки во ноември минатата година, противејќи се на одлуката на косовската влада да ги замени српските ознаки на регистарските таблички со ознаката РКС (Република Косово).
Во трката за градоначалници има десет кандидати, а од нив само Слаѓана Пантовиќ е од српската заедница. Таа е независен кандидат за градоначалник на општина Звечан.
Најголемата партија на Србите во Косово, пак, Српска листа, одлучи да не учествува на изборите и ги повика косовските Срби да го бојкотираат процесот. Слични повици упати и официјален Белград.