Неговата изјава доаѓа по најновите безбедносни предупредувања од американските амбасади во регионот, конкретно во Софија и Приштина, со кои граѓаните на САД се повикуваат на зголемена претпазливост во пресрет на претстојната празнична сезона
„Ние заедно со Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, во рамките на нашите надлежности, ги следиме овие појави со цел превенција од какви било активности што можат да го нарушат јавниот ред и мир и националната безбедност“, изјави Христовски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на БЈБ
Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нивото на ризик од терористички активности останува ниско, уверува директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

Неговата изјава доаѓа по најновите безбедносни предупредувања од американските амбасади во регионот, конкретно во Софија и Приштина, со кои граѓаните на САД се повикуваат на зголемена претпазливост во пресрет на претстојната празнична сезона.
Одговарајќи на новинарско прашање дали и во земјава постојат слични закани, Христовски посочи дека објавата на Амбасадата на САД во Бугарија претставува општо предупредување без прецизирана локација, но нагласи дека домашните служби будно ја следат состојбата, особено во делот на индивидуалните закани.
„Можам да кажам за нашава земја дека ризикот од терористички активности или акти останува низок, како што бил и подолг временски период наназад, и покрај глобалните трендови на зголемување на опасностите од насилен екстремизам. Секако, би истакнал дека секогаш останува ризикот од индивидуални чинови на насилство, односно т.н. ‘волци самотници’. Ние заедно со Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, во рамките на нашите надлежности, ги следиме овие појави со цел превенција од какви било активности што можат да го нарушат јавниот ред и мир и националната безбедност“,
изјави Христовски.
Што содржи предупредувањето на Стејт департментот?
Американската амбасада во Софија денеска објави соопштение од Стејт департментот на САД, упатено до американските државјани што престојуваат или планираат да патуваат низ Европа за време на празниците.
Во известувањето што го пренесоа бугарските медиуми се наведува дека масовните собири и јавните настани се потенцијална цел како за организирани терористички групи, така и за индивидуални сторители, при што нападите би можеле да се случат со мало или никакво претходно предупредување. Како ризични точки се посочени: божиќните пазари и празничните фестивали; туристичките атракции и прометните јавни простори; трговските и транспортните центри и верските објекти.

Покрај директните безбедносни закани, американските власти укажуваат и на можни нарушувања во секојдневното функционирање на транспортот низ европските држави, потсетувајќи на зачестените штрајкови, демонстрации, но и на бранот лажни дојави за бомби во цивилното воздухопловство во текот на ноември, кои предизвикаа сериозни доцнења и промени во авиосообраќајот.
Од тие причини, Стејт департментот им препорачува на своите граѓани редовно да ги следат локалните медиуми, да ги почитуваат насоките на локалната полиција и да се регистрираат во програмата STEP (Smart Traveler Enrollment Program) за навремено добивање безбедносни информации од дипломатските мисии.
