Паралелно со оваа итна интервенција, од Левица велат дека е неопходно долгорочно зајакнување на домашното производство преку изградба на земјоделска инфраструктура и здружување на земјоделците во задруги

Потребни се итни и директни интервенции и ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи, велат од политичката партија Левица од каде што додаваат дека веќе се очекува зголемување на цените на лебот и јајцата.
Од Левица велат дека Владата мора да ги ограничи цените, особено во зимскиот период, со цел да се запре неконтролираното поскапување и профитерството на грбот на граѓаните.
„Граѓаните не може да чекаат со месеци додека Владата размислува за решенија – тие денес се соочуваат со сè поскапа храна и сè помалку можности да ги задоволат основните потреби“,
се додава во соопштението од Левица.
Паралелно со оваа итна интервенција, од Левица велат дека е неопходно долгорочно зајакнување на домашното производство преку изградба на земјоделска инфраструктура и здружување на земјоделците во задруги.
Според нив, лебот ќе биде поскап за 2 до 4 денари, а јајцата ќе бидат поскапи од 5 до 7 денари.
„Поскапувањето доаѓа во период кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нè бомбардира секој ден со небулозни изјави дека економската ситуација е стабилна, а реалната слика е дека народот не памти полоши економски услови од сегашните“,
наведува Левица во соопштението.
Според Левица, поразителен е податокот дека во 2024 година речиси 51 процент од вкупните потрошувачки расходи на македонските домаќинства биле наменети за храна и безалкохолни пијалаци, наспроти просекот од 14,3 проценти во Европската Унија.
Ова, велат од партијата, значи дека македонските семејства трошат огромен дел од својот лимитиран буџет само за да се прехранат и пак остануваат гладни.
„Мизерно е граѓаните да мора да одат во маркет и да ги избираат најевтините производи, да се откажуваат од одредени намирници и да си ја ограничуваат исхраната затоа што немаат доволно пари“,
се додава во соопштението.
Од партијата ја обвинуваат актуелната влада за, како што велат, лошото и непромислено пресметување на финансиите, и оти наместо да планира капитални инвестиции во сектори во кои инвестициите би ни донеле еден вид стабилизација по прашањето за храната во државата, тие пари ги планира за тотално непотребни работи.
„На овој товар дополнително е тоа што драстично ќе скокне и потрошувачката кошничка, која и онака веќе беше недостижна. Ваквата незаинтересираност, некадарност и начин на размислување без решение, сите нас ќе нè чини екстремно многу во ваква кризна зима“,
додаваат од Левица.
