ЕМА почна експертиза за руската вакцина, што значи податоците што доаѓаат од рускиот производител ќе бидат прегледани според европските стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност
ЕУ и Русија не преговараат за одобрување на вакцината „спутник В“, соопштија денеска од Европската комисија за МИА, со што ги демантираа претходно објавените информации во медиумите.
Портпаролот за здравство, Стефан де Керсмакер, одговарајќи на новинарско прашање на редовниот брифинг за новинари во Брисел, изјави дека во овој момент не се преговара со Москва.
„Можно е во секој момент Комисијата и земјите членки да го прошират својот протокол за вакцини, но во овој момент нема разговори кои се во тек помеѓу преговарачките тимови на ЕУ и рускиот произведувач на вакцини“,
изјави портпаролот.
Москва на крајот на јануари ѝ понуди на Европската Унија 100 милиони дози од вакцината „спутник В“ за вакцинирање на 50 милиони жители на Унијата.
ЕМА почна експертиза за руската вакцина, што значи дека податоците што доаѓаат од рускиот производител ќе бидат прегледани според европските стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност. Ако сè помине, вакцината ќе биде одобрена.
Портпаролот на Европска комисија Ерик Мамер изјави дека тоа што руската вакцина против ковид-19, „спутник В“ би можела да добие одобрување од Европската агенција за лекови не значи дека треба да биде вклучена на листата на вакцини опфатени со ЕУ-стратегијата за вакцинација.