САД ќе ги поддржуваaт Северна Македонија и Албанија во нивните напори за реформи со цел процесот на евроинтеграција, што тие го започнаа, да се движи брзо, изјави денеска Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД, задолжен за Европа и Евроазија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
На денешниот брифинг посветен на ситуацијата во Западен Балкан, одговарајќи на новинарски прашања Ескобар укажа дека Северна Македонија е голем билатерален партнер и извонреден сојузник во НАТО.
Тој повторно ја истакна пораката од Стратешкиот дијалог, кој САД го имаа со Северна Македонија во јуни во Вашингтон.
„Нашата позиција од искуството со Северна Македонија е дека таа е одличен партнер, лојален пријател и силен поддржувач на трансатлантската заедница. Северна Македонија заслужено го започна движењето во нивниот процес кон Европа. Тие направија тешки реформи и продолжуваат да прават тешки реформи“,
истакна Ескобар.
Тој укажа дека за САД, прашањето за јазикот и културниот идентитет на Северна Македонија не е прашање, и ја повика земјата да продолжи со конструктивниот дијалог со соседите и да се движи што побргу во процесот за пристапување.
„САД остануваат силен партнер во охрабрување и поддршка на Северна Македонија во тој процес. И конечно, земјата сигурно ќе биде успешна во тој процес“,
рече Ескобар.
За актуелната ситуација на Косово, тој порача дека договорите, меѓу кои е и оној за Заедницата на српски општини мора да се спроведат, и истакна дека за ова прашање треба да се разговара на најавената средба помеѓу Вучиќ и Курти закажана за 18-ти август.
Во разговор со новинарите, Ескобар кажа дека се надева дека месецов ќе се отвори можноста за унапредување и напредок на дијалогот помеѓу Приштина и Белград, не само во однос на изнаоѓање на трајно решение за регистарските таблички и личните карти, нешто што неодамна предизвика ескалација на ситуацијата на северот од Косово, туку и во однос на договорот за Заедницата на српски општини.
„Заедницата не треба да противречи на Уставот на Косово, не треба да создава проблеми во функционалноста на Косово и не треба да биде држава во држава. Ги повикувам српските и косовските лидери да се вклучат во конструктивен дијалог, кој е клучот за иднината на двете земји“,
истакна Ескобар.
По неодамнешните ескалации, вчера портпаролот на Европската Унија Петер Стано потврди дека следниот круг од дијалогот меѓу Србија и Косово ќе се одржи на 18 август во Брисел, каде српскиот претседател и косовскиот премиер ќе бидат примени од шефот на европската дипломатија Борел, како и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, со цел заеднички да разговараат за „натамошниот дијалог меѓу Приштина и Белград“.