Одговарајќи на прашања на новинарите, портпаролот Петер Стано повтори дека „српската страна, како и Косово, многу добро знаат дека нормализацијата на нивните односи е многу важна за патот кон ЕУ“
Откако вчера Србите го блокираа северот на Косово со барикади и камиони, утрово косовската влада донесе одлука да се одложи спроведувањето на мерките за 30 дена, под услов блокадите да бидат отстранети
Европската унија е убедена дека преку дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, може да се најдат решенија и да се отстранат тензиите на Косово, изјави денеска во Брисел портпаролот на Европската комисија Петер Стано, нагласувајќи дека „ЕУ немаше да се ангажира доколку не беше убедена дека ќе се најде решение“ и затоа ги покани двете страни да дојдат на разговор во Брисел.
„ЕУ смета дека е важно сите оние кои се вклучени во некоординирани и еднострани акции кои го нарушуваат мирот и стабилноста на теренот и кои ја спречуваат слободата на движење на сите граѓани таму, мора веднаш да го прекинат тоа“,
рече портпаролот на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
Единствениот начин за решавање на споровите се дијалогот и преговорите, рече Стано, посочувајќи дека Европската унија и нејзините членки со посебно внимание и загриженост ги следат настаните на северот на Косово.
„ЕУ беше и сега е во контакт со двете страни, Косово и Србија и ние работиме заедно со ЕУЛЕКС и НАТО, со мисијата КФОР на теренот, како и со меѓународните партнери, особено со САД и нашите сојузници и општата цел е да се намали тензијата“,
рече Стано.
Според него, високиот претставник на ЕУ Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак биле во контакт со двете страни и „со оглед на тоа што Косово го прифати барањето на ЕУ и високиот претставник на САД за одложување на мерките што го предизвикаа бунтот, ЕУ ги покани двете страни во Брисел да се разгледа начин за решение и да се спречи вакви тензии да се повторат“.
„Уште еднаш, би сакал да повторам дека сите отворени прашања меѓу Србија и Косово мора да се решат со дијалог со посредство на ЕУ. Тоа е важно за народите на Косово и Србија и е значајно за европската перспектива на двете страни“,
соопшти претставникот за медиуми на Борел.
Одговарајќи на прашања на новинарите, Стано повтори дека „српската страна, како и Косово, многу добро знаат дека нормализацијата на нивните односи е многу важна за патот кон ЕУ“.
Откако вчера Србите го блокираа северот на Косово со барикади и камиони, утрово косовската влада донесе одлука да се одложи спроведувањето на мерките за 30 дена, под услов блокадите да бидат отстранети.
На северот на Косово денеска околу пладне почна отстранувањето на барикадите од сите главни и споредни патишта, се поместуваат камиони за да се овозможи нормално одвивање на сообраќајот. Насобраните Срби се разотидоа од барикадите и за два часа се очекува целосно да се одблокираат патиштата и повторно да профункционираат граничните премини Јариње и Брњак.
НАТО оцени дека севкупната безбедносна ситуација во општините на северот на Косово е тензична и дека воената алијанса е подготвена, во согласност со својот мандат, да интервенира доколку е загрозена стабилноста.