КФОР, како што беше речено, ќе ги преземе сите неопходни мерки за одржување на безбедноста во Косово во секое време, во согласност со мандатот на ОН, откако на северот на Косово од вчера се случуваат блокади на патиштата поради одлуката на Косово за менување на српските регистарски таблички и лични документи од 1 август
НАТО оцени дека севкупната безбедносна ситуација во општините на северот на Косово е тензична и дека воената алијанса е подготвена, во согласност со својот мандат, да интервенира доколку е загрозена стабилноста.
„Нашата мисија КФОР е целосно фокусирана да задржи безбедна средина и слобода на движење за сите граѓани на Косово“,
се вели во соопштението на НАТО.
КФОР, како што беше речено, ќе ги преземе сите неопходни мерки за одржување на безбедноста во Косово во секое време, во согласност со мандатот на ОН.
„Нашата мисија КФОР предводена од НАТО е целосно фокусирана на секојдневното спроведување на нејзиниот мандат на ОН за обезбедување безбедност, безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе на Косово. КФОР има видлив и агилен став на теренот, а командантот на КФОР е во контакт со сите негови главни соговорници, вклучително и претставници на косовските безбедносни организации и началникот на одбраната на Србија“,
се вели во соопштението, а јавува РСЕ.
НАТО, како што е најавено, исто така продолжува целосно да го поддржува процесот на нормализација меѓу Приштина и Белград преку Дијалогот што го води ЕУ и ги повикува сите страни да продолжат со преговорите.
„Важно е ова да продолжи. Ова е клучно за регионалниот мир и безбедност. Нема да има реални изгледи за подобра иднина на Балканот, без целосно почитување на човековите права и демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрите меѓусоседски односи Конструктивниот дијалог е клучот за регионалната стабилност“,
се наведува во соопштението.
Во меѓувреме, на северот на Косово почна отстранувањето на барикадите од сите главни и споредни патишта, се поместуваат камиони за да се овозможи нормално одвивање на сообраќајот. Насобраните Срби се разотидоа од барикадите и за два часа се очекува целосно да се одблокираат патиштата и повторно да профункционираат граничните премини Јариње и Брњак, јавува репортерот на РТС.
Барикадите Србите ги поставија вчера пред почетокот на спроведувањето на одлуката на Приштина за менување на српските регистарски таблички и документи. По притисокот на меѓународната заедница, владата на Косово се согласи спроведувањето на овие мерки да се одложи за 30 дена.