Во интервју за „Гласот на Америка“, заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, рече дека од опозицијата сака да слушне дека се посветени на патот на евроатлантските интеграции и дека е потребно да се продолжи напред што е можно побрзо бидејќи ова е најдобриот договор што земјата можеше да го добие.
Ескобар вели дека САД не бара од опозицијата да го поддржи премиерот и дека се надеваат оти сите политички субјекти ќе ги поддржат потребните промени за да може да се продолжи напред во унапредување на кандидатурата на С Македонија во Европската Унија. Кредибилитетот на процесот на проширување, според Ескобар, зависи само од С Македонија
„Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеност на патот на евроатлантските интеграции. И тоа вклучува разгледување начини како Македонија да се доведе до следната Меѓувладина конференција. Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од Северна Македонија. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската Унија, и во политичките структури на Северна Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее“,
вели Ескобар.
Во однос на борбата против корупцијата, Ескобар вели дека секретарот Ентони Блинкен и премиерот Димитар Ковачевски долго разговарале на оваа тема, која е еден од најголемите предизвици со кој се соочува целиот регион, не само С Македонија. На разговорите, двете страни целосно се усогласиле околу посветеноста заеднички да работат на прашањата за владеење на правото и корупцијата.
„Имаме силен интерес да се погрижиме Северна Македонија и останатите земји од регионот да го направат својот дел за намалување на корупцијата и спроведување на владеењето на правото. Сè што можам да кажам е дека имаме добро партнерство со Северна Македонија. Тие прават реформи за корупција и ние мораме да продолжиме да ја продлабочуваме таа соработка“,
вели Ескобар.
Иако беше прашан, Ескобар не сакаше да даде коментар за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д од страна на турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за кои опозицијата обвинува дека постои сомнежи за корупција.