Како што пренесоа и македонските институции, помошта од овој Фонд се активираше минатата година поради здравствената криза од ковид-19, со услов товарот од кризата врз буџетот да изнесува над 0,3 отсто од бруто-националниот приход
Нашите власти ја информирале Европската kомисија дека до момeнтот кога бил отворен повикот за аплицирање за пари од Солидарниот фонд не ги исполнуваме условите во однос на расходите предвидени од страна на регулативата на Солидарниот фонд, велат за МИА официјално од ЕК.
Вака од Брисел објаснуваат зошто нашата земја е единствената што не доби парче од колачот на Солидарниот фонд за пандемијата.
„Комисијата и Северна Македонија беа во контакт минатата година, но Северна Македонија ја информираше Комисијата дека во тој момент нема доволно расходи да пријави за да го постигне прагот предвиден од страна на регулативата на Солидарниот фонд“,
велат од ЕК.
Како што пренесоа и македонските институции, помошта од овој Фонд се активираше минатата година поради здравствената криза од ковид-19, со услов товарот од кризата врз буџетот да изнесува над 0,3 отсто од бруто-националниот приход.
Рокот за пријавување бил 24 јуни 2020, а Фондот бил отворен за земјите членки и четирите земји кои имаат зелено светло за преговори со ЕУ или веќе преговараат со ЕУ, односно Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Службите на Европската комисија, велат оттаму, внимателно ги разгледале барањата за да утврдат дали ги исполнуваат условите, дали се веродостојни пријавените расходи, како и директната поврзаност со здравствената криза.
Сепак, оттаму нагласуваат дека од почетокот на кризата дадена ѝ е значајна помош на Северна Македонија за борбата против ковид-19.
„Комисијата даде 226 милиони за покривање на медицинската опрема, да ги поддржи ранливите групи, бизнисите и невработените, како и макрофинансиска асистенција“,
нагласуваат од ЕК.
Земјава може да смета и на дел од достапните 70 милиони евра за Западниот Балкан, како и девет милијарди од Економскиот и инвестициски план на Европската комисија за регионот.