Од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) велат дека Северна Македонија не добила помош од Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) затоа што не направила направени доволно расходи во првиот бран од здравствената криза.
Европската комисија (ЕК) денеска презентираше пакет од речиси 530 милиони евра како финансиска поддршка за 17 земји-членки на Унијата и 3 земји кандидатки со цел да ги покријат јавните трошоци за медицинска и лична заштитна опрема, превенција, поддршка на населението, следење и контрола на ширење на болеста. Меѓу нив не е Северна Македонија, а трите земји кои добија помош, а не се членки се: Албанија, Црна Гора и Србија.
Од СЕП објаснуваат дека информацијата дека земјава може да се аплицира била разгледана и усвоена на седница на влада на 12 декември 2020, по што се прибрале податоците за итните трошоци настанати на централно и локално ниво. Но, по обработката на собраните податоци од институциите и општините и, како и на податоците за склучените договори поврзани со ковид-19 од Бирото за јавни набавки власта констатирала дека не го исполнила условот кој го поставила Унијата односно не биле направени доволно расходи во првите четири месеци од пандемијата.
„Имено, поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30 852 000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7 670 831 евра. За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 месеци, сметано од датумот кога земјата којашто аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата беше периодот 10.03. – 09.07.2020 година“,
објаснуваат од СЕП.
Од Секретаријатот потенцираат и дека земјата немала толку дополнителни расходи за потребите во пандемијата бидејќи поради брза и ефикасна организација на државните институции била обезбедена голема количина на донации во здравствени средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, ја обвини власта за недобиената помош.
„Јасно е дека никој не сака соработка со корумпиран премиер и влада. На исток бркаа провизии за набавка на вакцини, на запад затвораат врата затоа што никој не дава пари на влада која е најкорумпирана во Европа“,
вели Мицкоски во неговиот коментар.