Измина точно еден месец од руската инвазија на Украина. Ова се некои од позначајните настани што го обележаа периодот што многумина го нарекуваат најголемата воена офанзива во Европа од Втората светска војна
Рускиот претседател Владимир Путин на 24 минатиот месец започна целосна инвазија во Украина. Еден месец подоцна, на руско-украинскиот конфликт сè уште не му се наѕира крајот.
Рускиот напад врз Украина многумина го окарактеризираа како најголемата воена офанзива во Европа од Втората светска војна, а конфликтот беше причина за смртта на илјадници луѓе и натера милиони бегалци да ја напуштат татковината.
Од почетокот на руската инвазија во Украина досега, според податоците на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), земјата ја напуштиле над 3,6 милиони Украинци, а уште 6,5 милиони се внатрешно раселени.

Половина од децата во Украина или секое второ дете има статус на бегалец и е принудено да го напушти домот поради воените дејствија во земјата, соопшти УНИЦЕФ.
„Тоа е неверојатно. Од почетокот на војната пред еден месец од сите деца во земјата секое второ морало да го напушти својот дом“,
изјави портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, кој додаде дека доколку војната не престане сè повеќе од децата во Украина ќе бидат принудени да заминат од дома.

Откако руските вооружени сили не можеа да ја преземат контролата врз Украина во првата недела од војната, тие ја пренасочија стратегијата на бомбардирање на градови со воздушни напади и проектили.
Меѓу другото, цел се цивилни објекти, вклучувајќи болници, цркви и станови, што доведе до тоа американскиот претседател Џо Бајден да го нарече Путин „воен злосторник“.
Руските сили во меѓувреме постојано го напаѓаат главниот град Киев, но не успеаја да го опколат.
Во војната најтешко погоден е пристанишниот град Мариупол на југот на Украина кој е предмет на неколкунеделни бомбардирања, а за кој Зелененски изјави оти од него не останало ништо освен урнатини. Според украинските власти, околу 100 000 цивили остануваат заробени во градот без вода, струја или греење, а резервите на храна се намалуваат.

Само еден голем украински град – Херсон падна во руски раце.
Војната, меѓу другото, ги потресе глобалната економија и геополитичкиот поредок, а предизвика и економска нестабилност во Русија.
Економските санкции што Западот ѝ ги наложи на Русија ќе предизвикаат длабока рецесија на земјата, предвидува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а тоа доаѓа до израз со падот на вредноста на рубљата и зголемување на инфлацијата во земјата на највисоко ниво од крајот на 2015 година.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин призна оти санкциите врз Русија предизвикуваат проблеми во земјата, и како одговор ги стави на листата на „непријателски земји“ сите оние што спроведоа санкции кон Русија, меѓу кои и С Македонија.
Од „непријателските земји“, пак, како што вчера најави Путин, ќе очекува испораката на руски гас да ја плаќаат само во руската валута – рубља, чија вредност во моментов е намалена.
Руската инвазија врз Украина го донесе американскиот претседател Џо Бајден во Европа, на вонредниот самит на НАТО кој започна денеска во седиштето на Алијансата во Брисел, а на кој со западните лидери ќе одржат три самити посветени на руската инвазија на Украина. Вклучително ќе ја разгледаат и опцијата дали Русија може да биде исфрлена од Групата 20 (Г-20) групација која ги соединува најголемите светски економии.

Сепак, Кремљ инсистира оти Русија нема да престане да се бори додека не ги постигне своите стратегиски цели – вклучително и принудување на Украина да стане „неутрална“ и „демилитаризирана“.