Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека блокот ќе преземе дополнителни чекори против Москва ако ситуацијата во Украина дополнително ескалира по минатонеделната инвазија од Русија
Европската Унија чека да го види „ефектот“ од веќе наметнатите санкции врз Русија пред да донесе нови, изјавија денеска официјални претставници од Брисел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека блокот ќе преземе дополнителни чекори против Москва ако ситуацијата во Украина дополнително ескалира по минатонеделната инвазија од Русија.
„Мораме да станеме независни од рускиот гас, нафта и јаглен. Нашата цел е намалување на капацитетот на Кремљ да води војна со своите соседи“,
изјави претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, по состанокот со претседателот на Романија, Клаус Јоханис.
ЕУ минатата недела усвои низа финансиски, енергетски, извозни санкции и забрани за патувања. Тоа вклучува и замрзнување на имот на руски банки, затворање на воздушниот простор на ЕУ за Русија, исклучување на голем број руски банки од СВИФТ-системот и санкции кон руски тајкуни.
ЕУ сепак не го ограничи увозот на енергија од Русија, која задоволува повеќе од една третина од увозот на гас и над една четвртина од потребите на нафта, но бара алтернативи во случај на руска одмазда и прави напор за диверзификација на своите извори на енергија.
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир денеска истакна оти „санкциите на ЕУ против Русија се донесени на хируршки начин и се фокусирани за да се осигура дека ќе ги имаат за цел вистинските субјекти одговорни за агресијата врз Украина“.
Тој меѓу другото, додаде дека веќе има и сеопфатен сет на мерки и кон Белорусија и тие санкции ќе продолжат да бидат дел од одговорот на ЕУ.
Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, пак, во однос на санкциите подвлече дека не треба да заборавиме оти состојбата постојано се менува и меѓународната заедница и ЕУ дејствува соодветно на промените.
„Различните последователни санкции се донесени на едно ниво кое што никогаш досега не било постигнато затоа што навистина сите речиси ги поддржуваат и може да дадат моментални ефекти, но прогресивно ќе можеме да оцениме потоа дали ќе има ефекти. Но, одредени ефекти веќе се забележуваат затоа што рубљата е ослабена и тоа е тесно поврзана со оваа реакција на санкции и тоа не само на ЕУ, туку на целокупната меѓународна заедница“,
истакна Бомгартнер и додаде дека не треба да ги заборавиме и индиректните ефекти од санкциите и пошироко како одговор на меѓународната заедница влијанието кое што може да го имаат тие санкции врз перцепцијата на руските граѓани.