Во овој регион живеат околу милион луѓе, но овие тврдења сè уште не се потврдени од украинска страна
Руската војска денеска соопшти дека целосно ја презела контролата во целиот регион на Херсон, во јужна Украина, соопшти тамошното министерство за одбрана, пишува Би-би-си.
Во овој регион живеат околу милион луѓе. Сепак, овие тврдења сè уште не се потврдени од украинска страна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека Русија сака да формира „народна република Херсон“, слично како со „народните републики Донецк и Луганск“ на исток во Украина, кои Москва ги призна како независни кратко пред да започне војната.
Во дневниот извештај за состојбата на терен утрово, руското Министерство за одбрана соопшти дека се уништени уште десетици украински воени објекти.
Тоа вклучува три хангари за борбени авиони и хеликоптери во близина на градот Краматорск во Донецк.
Наводно биле уништени и 16 воздушни цели, вклучувајќи ги борбените авиони Су-24 и Су-25, како и 13 дрона.