За изградбата на автопатската делница досега се потрошени околу 440 милиони евра и остануваат уште околу 160 милиони од кинескиот кредит за довршување на автопатот. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не очекува да биде пробиена сумата од 598 милиони евра од кинескиот кредит за изградба на автопатот
Две нови свлечишта се појавиле на автопатот во изградба Кичево–Охрид, кој според првичните најави требаше да биде готов до почетокот на оваа година, но поради настанатите проблеми рокот за завршување на градежните работи беше пробиен, а нов сè уште не е утврден.
На увид на состојбите со изградбата на автопатската делница денеска беа од Надзорот на изградбата на автопатот, чиј главен изведувач е кинеската компанија „Синохидро“, заедно со професори од Градежниот факултет во Скопје, како и првите луѓе на Министерството за транспорт и врски, министерот Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми.
Од Надзорот ја смируваат јавноста дека свлечиштата кои сега се вкупно 13 на број, не се последица на грешки во планирањето и истражувањето на теренот, туку природна појава која не може да биде предвидена, пренесува ТВ Телма.
Проблемот со свлечиштата ќе се решава со технички зафати, односно потпорни конструкции за да се постигне стабилност на косините.
„Веќе се изведени завршните работи во однос на самата траса во кои е направено тампонирање и асфалтирање и изведени се дренажните системи и ни останува на првата и втората делница да ги решиме во текот на оваа година проблемот со свлечиштата и да се направат потпорни конструкции и тела и се што е соодветно на тоа за да ја постигнеме глобалната стабилност на косините. Во делот на прва и втора делница и мал дел на четврта делница имаме вакви 13 точки, тринаесет вакви свлечишта“,
изјави Бранко Волчевски од Надзорот за изградба на автопатот Кичево–Охрид.
За изградбата на автопатската делница досега се потрошени околу 440 милиони евра и остануваат уште околу 160 милиони од кинескиот кредит за довршување на автопатот.
Во тек се преговори со главниот изведувач „Синохидро“ околу зафатите со кои треба да се зголеми безбедноста на делницата и како да се санираат свлечиштата.
За 13-те свлечишта, од кои две, како што кажа, се со понов датум, директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, рече дека во наредниот период треба да се изберат и најдат технички решенија.
„Решенијата за сите овие 13 нови свлечишта треба да се проектираат, да се добијат одобренија, а за тие инфраструктурни проекти можеби ќе се појават нови експропријации“,
рече Рустеми, пренесува МИА.
Засега не се знае дали покрај првичните 600 милиони евра ќе бидат потребни дополнителни средства. Не е познат ниту конечниот рок до кога треба да биде завршена изградбата, иако очекувањата и надежите се тоа да биде до крајот на оваа година.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не очекува да биде пробиена сумата од 598 милиони евра од кинескиот кредит за изградба на автопатот.
„Првиот кредит е веќе реализиран, сега треба да се отпочне со реализација на вториот кредит. Така што сето тое е во рамките на тие 598 милиони евра. Не зборуваме за сума на чинење над 598 милиони евра. Реализацијата е некаде 430-440 милиоони евра. Важно е дека треба да се отпочне со реализација на вториот кредит, да се завршат сите овие работи и да се репроектираат овие свлечишта коишто се појавија за да може да се санираат“,
ја пренесува ТВ Телма изјавата на Бочварски.
Во моментот со кинеската компанија „Синохидро“ се преговара и пет подделеници од патот како што ќе бидат завршувани, засебно да бидат пуштани во сообраќај.
Владата, на седница одржана на 28 декември, ги овласти кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот на изградбата на автопатската делница Кичево–Охрид, кинеската компанија „Синохидро“, за склучување анекс на договор за продолжување на рокот за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот, информираа од владината прес-служба.
Од Владата информираа дека изведбата на делницата ќе продолжи во континуитет да се реализира.
Одлуката била донесена по информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок кој е до 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на 18 декември изјави дека автопатот Кичево–Охрид ќе биде завршен, но не прецизира кога. Тој тогаш најави дека очекува извештајот на надзорниот орган и на експертите за ФИДИК да биде доставен до ЈПДП и до Министерството и дека сите одлуки и идни чекори, надлежните ќе ги носат заедно со Владата.
„360 степени“ пред три месеци објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.