Прашан за тоа колку ќе треба да плати државата доколку се раскине договорот со изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – Бочварски со одговор дека сè уште не може да се зборува за раскинување на договор ниту за други идни чекори додека тој извештај не биде разгледан и не биде донесена одлука од страна на Владата
Како ќе продолжи изградбата на автопатот Кичево – Охрид, кој требаше да биде готов до крајот на оваа година, засега не се знае, а работите треба да станат појасни откако ќе биде завршен извештајот на експертите што ги ангажираа Министерството за траспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека очекува извештајот на надзорниот орган и на експертите за ФИДИК (Меѓународен стандард за реализација на меѓународни договори) да биде доставен до ЈПДП и до Министерството во текот на оваа недела.
Сите одлуки и идни чекори, како што рече Бочварски, кој денеска беше на увид на изградбата на брана на реката Отиња во Штип, надлежните ќе ги носат заедно со Владата.
„Извештајот е во изработка. Јас очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од Надзорниот орган и од страна на ФИДИК-ескпертите до Јавното претпријатие за државни патишта и до Министерството, по што ќе побараме тој извештај да биде разгледан на седница на Влада и оттаму сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата… Идните чекори треба да дојдат од експертите коишто ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој проект да биде завршен“,
рече Бочварски одговарајќи на новинарски прашања.
Во таа насока тој нагласи дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен, но притоа, како што додаде, ќе мора да се запазат сите процедури кои ќе ги предвидат експертите и по планот што ќе го дадат тие ќе работат и Јавното претпријатие за државни патишта и Владата.
На прашањето колку ќе треба да плати државата доколку се раскине договорот со изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – Бочварски со одговор:
„Сè уште не можеме да зборуваме за раскинување на договорот, не можеме да зборуваме за идните чекори сè додека тој извештај не биде разгледан и не биде донесена одлука од страна на Владата“

Во врска со свлечиштата што се појавија на трасата – вкупно 11 на број – и дали се работи на решавање на овој проблем, министерот за транспорт и врски рече оти таму ќе биде потребно репроектирање и нови технички решенија.
„На автопатот се работи, таму каде што има фронт за работа. Тоа беше пораката и од страна на Владата и од мене и од Јавното претпријатие за државни патишта до изведувачите дека тие имаат обврска да работат на секоја позиција каде што е отворен фронт за работа. Но, онаму каде што се јавиле тешкотии, свлечишта, одредени состојби во однос на проектната документација и техничките решенија, таму секако треба да се репроектира, да се дадат нови технички решенија и притоа да се даде налог за работа на изведувачите“,
рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„360 степени“ пред два и пол месеци објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.
Минатиот месец од Министерството за транспорт и врски соопштија дека побарале ревизија на проектот од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), како и дека заедно со ЈПД е ангажиран експерт за ФИДИК-договори кој треба да го анализира договорот меѓу Владата и изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – потпишан пред точно десет години.
Истовремено надлежните информираа дека проектот не може да биде завршен во предвидениот рок и поради 11 свлечишта што се појавиле на трасата.
Ревизијата од страна на ДЗР и ангажирањето на меѓународни експерти пред еден месец ги најави и премиерот Димитар Ковачевски откако стана извесно дека автопатската делница нема да биде заокружена во предвидениот рок. Ревизијата, како што кажа Ковачевски тогаш, треба да даде одговор на прашањето дали кинескиот изведувач и ангажираните подизведувачи се во состојба да го изградат автопатот.
Истовремено анализите на ФИДИК-експертот ќе треба да каже кои би биле ефектите доколку би се продолжило со истиот изведувач или би се прекинала соработката, односно дојде до раскинување на договорот.
„Во тој случај (на раскинување на договорот н.з.), постојат финансиски импликации коишто можат единствено да бидат дефинирани од страна на меѓународен арбитражен суд којшто е наведен во договорот (во Париз н.з.), кој е изгласан во Собранието и сите анекси се гласани во Собранието. Така што, врз основа на сите информации коишто ќе бидат прибрани, ќе биде предложена одлука до Собранието и на крај Собранието ќе го има финалниот збор, односно сите пратеници во истото бидејќи Собранието со закон ја задолжило Владата да работи на ова решение и на овој начин и со тој изведувач од Кина“,
изјави Ковачевски на 7 ноември.