Надзорот на ДСЗИ за тоа дали има одговорност кај Димитриевски бидејќи не ги информирал премиерот и министрите дека се тестирал за ковид-19, кои беа на седница на општинскиот кризен штаб поради што сега се во самоизолација, покажал извесни недостатоци, а извештајот е предаден во МВР и во Министерството за здравство
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ќе остане во самоизолација до истекот на 14-те дена од денот кога го добил решението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, изјави директорката на ДСЗИ, Иринка Бухова.
Со ова, таа одговори на барањето на Димитриевски од вчера да му биде укинато решението за самоизолација бидејќи тестирањата што тој, по свое лично барање ги направил во неколку релевантни лаборатории, покажале негативни резултати.
„Протоколот за лекување на ковид-позитивни лица кои со решение се на домашно лекување е дека не може да се прекине постапката сѐ до извршување на решението. Тоа значи дека лицето кое има позитивен резултат на ковид и е на домашно лекување, останува таму до истек на 14-от ден, кога ќе почне процес на тестирање за да се утврди дали е позитивен или негативен“,
рече Бухова одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Таа потоа накусо ја објасни процедурата на контролните тестови по 14-от ден, односно дека првиот се прави во домашни услови од Центарот за јавно здравје во општината каде што е пациентот, а во следните 24 до 48 се прави уште еден тест кој се контролира во ИЈЗ. Доколку двата се негативни, лицето се смета дека е излекувано.

Во врска со постапката што требаше да ја спроведе овој Инспекторат за тоа дали кумановскиот градоначалник ја прекршил процедурата поради што премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми се во самоизолација, откако присуствуваа на седницата на општинскиот кризен штаб во Куманово, Бухова рече дека овој предмет е завршен и е предаден во МВР и во Министерството за здравство.

„Надзорот е завршен на 18 април и утврдени се извесни недостатоци. ДСЗИ може само да апелира, сите лица мора да се придржуваат на препораките на Комисијата за заразни болести за носење лична заштита и држење физичка дистанца“,
рече Бухова алудирајќи на забелешките во јавноста дека Димитриевски, иако знаел дека веќе се тестирал, при изјавите за медиумите по седницата не носел маска, исто како и вицепремиерот Османи и премиерот Спасовски за време на изјавите.
Градоначалникот на Куманово неколку пати во повеќе медиуми кажа дека жали за новонастанатата ситуација оценувајќи дека целиот настан беспотребно „се дува“ и се користи за правење наслови во медиумите и побара институциите да го испитаат случајот.