Од она што инспекторите на ДПИ можат да го видат на терен, посочи директорот Трајковски, големите синџири на маркети ги спуштија цените и јасно и видливо со ознаката „гарантирана цена“ ги означија рафтовите, што беше и нивна обврска. Тој најави дека Државниот пазарен инспекторат со контролите ќе продолжи и во следните денови сè додека трае одлуката на Владата и апелираше до граѓаните да ги пријават сите неправилности на кои ќе наидат на телефонскиот број 02 191, кој, како што рече, работи 24 часа
Трајковски, исто така, порача дека ДПИ ќе постапува без селекција и дека секој оној што не ја почитува одлуката ќе биде казнет, а доколку има потреба, „ќе има и затворање на објекти“
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) уште вечерва тргна да ги проверува маркетите дали ја почитуваат одлуката на Владата за поевтинување на 24 категории основни прехранбени производи кои треба да се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние на 1 август годинава.
За акцијата во изјава за медиумите информира директорот на ДПИ, Горан Трајковски, кој ги повика трговците да ја почитуваат одлуката, а граѓаните да пријават неправилности.
„Државниот пазарен инспекторат денеска со својот полн капацитет врши надзори по одлуките на Владата на Република Северна Македонија, коишто беа донесени сè со цел да се намалат цените на прехранбените производи на 25 категории, што опфаќа над 1 000 производи, за 10 проценти од цената којашто беше на 1 август оваа годинa“,
изјави Трајковски.
Од она што инспекторите на ДПИ можат да го видат на терен, посочи Трајковски, големите синџири на маркети ги спуштија цените и јасно и видливо со ознаката „гарантирана цена“ ги означија рафтовите, што беше и нивна обврска.
Тој најави дека Државниот пазарен инспекторат со контролите ќе продолжи и во следните денови сè додека трае одлуката на Владата.
„Државниот пазарен инспекторат и во наредните денови и сè додека трае оваа одлука ќе работи со полн капацитет и ќе ги контролира трговците на мало, но и трговците на големо коишто имаат обврска да испорачуваат и да ги снабдуваат трговците на мало за 70 проценти од она што го снабдувале во месец август оваа година“,
изјави директорот на ДПИ.
За сите неправилности во врска со цените на производите на кои ќе наидат, Трајковски апелираше до граѓаните да ги пријават на телефонскиот број 02 191, кој, како што рече, работи 24 часа.
„Апелирам и до трговците на големо и до трговците на мало, како општествено одговорни компании во нашата држава, самите, доколку имаат простор, да ги намалат цените и да не чекаат во иднина Владата да носи нови мерки со коишто ќе го заштити стандардот на граѓаните“,
порача директорот на Државниот пазарен инспекторат.
Тој, исто така, порача дека ДПИ ќе постапува без селекција и дека секој оној што не ја почитува одлуката ќе биде казнет, а доколку има потреба, „ќе има и затворање на објекти“.
Владата вчера на седница го утврди списокот на производи кои од денеска треба да се продаваат по намалена, гарантирана цена, и тие не ќе смеат да поскапат до 30 ноември. Станува збор за 24 категории на производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, кои во маркетите треба да се продаваат со ознака „гарантирана цена“.
Очекувањата се дека владината мерка за ограничување на цените ќе ја намали целокупната инфлација во делот на храната за четири до пет отсто до крајот на ноември.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека списокот со поевтини основни прехранбени производи од идната недела ќе биде дополнет со оние за хигиена, како и одредени кондиторски производи кои повеќе се трошат.
Тој денеска во објава на Фејсбук информира дека од следната недела и алкохолните и безалкохолните пијалаци ќе се најдат на списокот на производи за кои Владата одлучи дека до крајот на ноември ќе се продаваат по „гарантирана цена“, односно по цени кои се за 10 отсто пониски во однос на оние по кои се продавале на 1 август.
Во објавата министерот напиша дека добил известување од дел од домашните производители на минерална вода, сокови и пиво оти доброволно се приклучуваат кон кампањата „гарантирана цена“.
„360 степени“ вчера и денеска беше во обиколка на некои од поголемите маркети во Скопје со цел да направиме споредба на цените на основните производи пред и по владината одлука. Она што можеше да се забележи е дека маркетите ги имаат намалено цените на повеќе производи од списокот. Забележливо беше како вработените со испечатени етикети утрово ги менуваа цените. Во дел од маркетите, покрај намалената цена, беше ставена и ознаката „гарантирана цена“, а во други, иако цените беа намалени, оваа етикета сè уште ја немаше.