На претстојните избори ќе има вкупно 84 листи на 15 политички субјекти, со 1 578 имиња, доколку сите кандидатури го поминат „филтерот“ на ДИК
Шест од вкупно 15 политички субјекти што ќе учествуваат на претстојните избори доставиле и листи со по тројца кандидати за седмата изборна единица, која е надвор од државата и каде што ќе гласаат нашите иселеници во странство.
Покрај СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои вообичаено учествуваат и на изборите надвор од државата, листи за гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава доставиле и вонпарламентарните Интегра, Демократи и „Никогаш Северна, само Македонија“. Другите девет политички субјекти нема да имаат листи за гласањето што би требало да се спороведе на 11 април – ден пред изборите во земјава.
Во ДИК сè уште се сумираат податоците за пријавените гласачи од дијаспората, по што ќе се знае дали е исполнет условот за таму да се спроведат избори. Доколку за гласање се пријавиле околу 6 500 гласачи, тогаш ќе се организира гласање и во ДКП на земјава, независно дали сите пријавени избирачи ќе излезат на гласање на 11 април. Според досегашните проценки на ДИК, со оглед на зголемената заинтересираност на дијаспората во последните денови, е дека условот е исполнет. Рокот за пријавување на иселениците беше до 11 март на полноќ.
Најмногу листи во „двојката“, најмалку во „шестката“
Последните статистики на ДИК, каде што сега ќе се утврдува „исправноста“ на сите поднесени кандидатури, упатува на тоа дека на претстојните избори ќе има вкупно 84 листи на 15 политички субјекти, со вкупно 1 578 кандидати. ДУИ, Интегра, Демократи и коалициите на СДСМ и Беса и на ВМРО-ДПМНЕ, како и „Никогаш Северна, само Македонија“ ќе учествуваат со кандидатски листи во сите изборни единици, вклучително со изборната единица во дијаспората. Левица, МОРО-работничка партија, коалицијата на Алтернатива и на Алијансата за Албанците имаат поднесено кандидатури во сите шест изборни единици во земјава, но не и за дијаспората. Твоја партија поднела листи за првата, втората и петтата ИЕ, а Народната партија на Ромите ќе учествува само во „двојката“. СДУ/„Македонски концепт“, ГДУ и Глас за Македонија немаат доставено листи за шестата ИЕ, со што оваа тетовско- гостиварска ИЕ, всушност, е со најмал број кандидатури во земјава.
Најмногу кандидатури има за „двојката“, каде што, практично, ќе се натпреваруваат сите политички субјекти што до синоќа на полноќ доставиле листи во ДИК. ДПА, пак, нема доставено кандидатска листа за четвртата изборна единица.