Одлуката со сигурност ќе се изрече во отсуство на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски, од УБК, кои избегаа од земјава, додека Сашо Мијалков, сепак, замина во куќен притвор, а Гордана Јанкулоска ја издржува затворската казна за „Тенк“
Обвинителството побара осудителна пресуда за сите обвинети и нагласи дека бара максимални казни за Мијалков, Грујевски и Николиќ. Oд друга страна, одбраната побара ослободителни пресуди откако во текот на судскиот процес тврдеше дека прислушувал некој друг

За единаесет обвинети денеска во Основниот кривичен суд во Скопје ќе се изрече пресудата за „Таргет-Тврдина“ – првичниот случај што го отвори Специјално јавно обвинителство (СЈО), а кој се однесува на масовното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година, како и на уништувањето на системите за следење на комуникацијата во сега згаснатата УБК.
Пресудата ќе биде првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Одлуката во првостепениот суд ќе ја донесе петчлениот судечкиот совет во состав: Џенета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца поротници. Иако во понеделникот се чинеше дека пресудата ќе биде изречена во отсуство на обвинетиот поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, тој по речиси два дена недостапност се појави и го зеде решението за куќен притвор што го доби поради опасноста од бегство во пресрет на изрекувањето на казните. Мијалков е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува за неколку дена.
Во услови кога во „Идризово“ ја издржува четиригодишната затворска казна за набавката на блиндираниот „мерцедес“ во случајот „Тенк“, денешната пресуда ќе ја дочека и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Таа е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања, во делот за уништувањето на опремата, додека за прислушувањето, од кое има околу 23 000 нејзини разговори, бараше да биде додадена на листата оштетени.
И соработникот на Мијалков и некогашен шеф на неговиот кабинет во УБК, Тони Јакимовски, е на листата обвинети. Се гони за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.
Уште петмина вработени во згаснатата УБК изминатите околу три години седеа на обвинителна клупа, меѓу нив и началничката Надица Николиќ, која Обвинителството ја посочуваше како една од тројцата создавачи на групата што го вршела нелегалното прислушување.
Сите обвинети може да се појават, но имаат опција и да не дојдат на изрекувањето на пресудата.
Одлуката со сигурност ќе се изрече во отсуство на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски, исто така од УБК, кои избегаа од земјава. Бегалците беа фатени со фалсификувана пасоши во Грција, но сепак, грчкиот врховен суд одлучи да не се екстрадираат во земјава поради аболицијата која ја даде, па повлече, поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Една обвинета во овој предмет, Елена Џиланова, призна вина и доби условна казна.
Прислушувани 20 000 граѓани
„Ова што во интерес на граѓаните и државата сум должен да го споделам со јавноста, е најнепријатното нешто што сум повикан да го направам, како одговорен граѓанин на оваа земја. Иако, како и секој човек кој си ја сака државата, искрено жалам што Македонија, токму поради неодговорни луѓе, е доведена во ваква срамна ситуација за каква што ќе слушате од денеска. Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушувани над 20 000 граѓани! Зад оваа операција стојат Никола Груевски и неколку луѓе околу него. Материјалите што ги поседуваме докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски.“
Ова се зборовите на премиерот Зоран Заев, кој на 9 февруари 2015 година во седиштето на СДСМ на „Бихаќска“ мавташе со папката „Вистината за Македонија“ и ги објави првите „бомби“.

Негови разговори со новинари, со семејството, но и разговори на тогаш актуелните функционери во владата на ВМРО-ДПМНЕ собрани во компилација од речиси 30 минути беа првите аудиоснимки што тогашната опозиција ги објави јавно.
По неколку месеци, тогашната власт ја обвини опозицијата за вмешаност во прислушувањето и го отвори предметот „Пуч“, против неколку лица, меѓу кои и Заев и Зоран Верушевски, „свиркачите“ од УБК, но истото потоа беше повлечено од СЈО.
Со објавувањето на „бомбите“, земјава влезе во политика криза, следуваа пржинските преговори и формирањето на Специјалното јавно обвинителство во септември 2015 година, кое требаше да истражи кој го вршел прислушувањето, но и да го истражи тоа што се слуша во „бомбите“.
На 29 март 2016 СЈО отвори истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите од УБК, а на 17 ноември истата година и истрагата со кодно име „Таргет“. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.
На 22 декември 2017 година беше закажан и стартот на судењето. По повеќе од три години судење, процесот влезе во финалето од првостепената постапка.
Заев, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, „свиркачите“ Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски беа сведоците кои се појави во судницата. Сведочеа и вештачи, вработени во УБК, но и новинари и општествено истакнати личности кои биле цел на прислушувањето.
Во обвинението, СЈО посочи дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани. Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле следени 5 827 телефонски броеви.
Обвинението, по згаснувањето на СЈО премина во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но обвинителите останаа исти – Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.
Обвинителство тврди Мијалков, Грујевски и Николиќ ја создале групата: „Крајна дрскост и безобразност“
Во текот на судењето и во завршните зборови, обвинителите докажуваа дека незаконското прислушување во земјава во вршеле службите во УБК.
Ленче Ристоска, во завршните зборови ги посочи Мијалков, Грујевски и Николиќ како создавачи на групата која го вршела прислушувањето, па затоа побара и максимални казни за тројцата. Чинот на прислушување го нарече крајно дрзок и безобразен.
„Дали одговорните лица во системот, во УБК конкретно, не ја научија лекцијата од минатите искуства и повторно посегнаа по приватните животи на луѓето, дали тоа што отсуствуваше правна разрешница и одговорност во претходните скандали со прислушување е причина да ни се случи овој трет најголем во обем скандал за прислушување во кој до крајна дрскост и безобразност се поместени граници на почитување на правата на другите?“,
рече Ристоска во завршните зборови на 16 февруари 2021 година.
Таа тогаш испрати и порака до судот и јавноста дека не смее да има простување пред некој да одговара за тоа, за да не се поттикнуваат нови злоупотреби.
„Не е само мое уверување туку и според универзалните правила поддржани од етиката како наука и религијата, простувањето е чин кое следи на покајанието односно чин кој следи откако ќе биде преземена одговорност за преземените дејствија и откако ќе биде изразено каење за последиците. Затоа сè додека дозволуваме да владее неказнивоста и проштаваме без преземање одговорност, ние всушност поттикнуваме нови и поголеми злоупотреби на системот“,
порача Ристоска.
Како се бранеа обвинетите?
Адвокатите и обвинетите, пак, застапуваа сосема спротивна теза – прислушувањето не го правеле тие, туку некој друг. Мијалков не даваше завршни зборови, но кога даваше исказ претходно отфрли каква било вмешаност во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Тој ја држеше тезата дека во земјата имало и други системи за прислушување, освен тие на УБК, и раскажуваше дека во 2014 година израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија, па, кога ја вклучила, детектирала дека има уште три други системи.
Тој тврдеше дека ниту имал техничка можност ниту наредил некому да прислушува.
„Јас никогаш не сум имал ниту техничка можност ниту привилегија да можам да дадам или да издадам наредба за следење комуникација во системот за следење во УБК. За да нема какво било недоразбирање, сакам да потенцирам и со највисок степен на одговорност да потврдам недвосмислено и категорично дека никогаш никому на никаков начин ниту писмено ниту усно сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на каква било комуникација, за што во текот на цела оваа постапка не видовме ниту еден материјален и вербален доказ“,
се бранеше Мијалков.
Тој дури и тврдеше дека речиси и да не го користел својот компјутер во канцеларијата, а не, пак, да следи нечија комуникација.
Со тоа што Мијалков ги спомена Израелците, за кои рече дека потоа правеле и скрининг на територијата на Скопје да откријат незаконско следење, одбраната во финалето на судскиот процес инсистираше да се презентира и извештај од израелската групација „Реизон“. Израелците според тој извештај во октомври-ноември 2014 година нотирале дека во Скопје има најмалку еден активен систем за пресретнување на комуникациите преку ГСМ (Global Sistem Mobile). Обвинителството, пак, ваквата теорија ја побиваше со вештачење кое утврдува дека Израелците неосновано констатирале дека тој период имало незаконско следење на комуникациите од причина што не им биле дадени сите податоци, па обични радиоканали биле детектирани како незаконски базни станици каде се пресретнувале комуникациите.
Покрај тоа дека се прислушувало со системи надвор од УБК, одбраната наметна теза и дека прислушувал Звонко Костовски, еден од свиркачите кои ги изнесуваа „бомбите“ од Управата.
Покрај Мијалков, вина отфрлаше и ексминистерката Јанкулоска. Таа се товари за уништувањето на опремата односно дека го потпишала решението за формирање комисија во УБК, која потоа го уништила системот, меѓутоа ексминистерката се бранеше дека тогаш не било јасно за што се формира комисија, а потпишувањето било рутинско, како и за други такви многубројни решенија што ги потпишувала како министерка. Топката ја префрли кај Горан Грујевски.
„Се потврдува дека Горан Грујевски немал никаква комуникација со мене, може да се заклучи дека се работи за лажно повикување на туѓ авторитет преку кое Горан Грујевски сакал час поскоро да си ја заврши целта што си ја имал. Која би била логиката министерот да дава насоки до правниот сектор кој хиерархиски е веднаш под министерот, а тие насоки да ги дава преку некој вработен во УБК. Секогаш имало и ќе има луѓе што не избираат начин како да си ја остварат својата цел, како што произлегува и од доказите дека направил Горан Грујевски“,
рече Јанкулоска.