Поддршката е во интерес на македонските евроинтеграциски процеси, но услов е во првите 100 дена да започнат одредени процеси, велат од ДОМ

Демократската обнова на Македонија ќе ја поддржи предложената реконструкција на Владата. Оваа одлука е донесена на денешната седница наа Централниот одбор на зелената партија.
Поддршката, како што велат од ДОМ, е во интерес на македонските евроинтеграциски процеси.
„Услов за поддршката на Владата и на парламентарното мнозинство е во првите 100 дена да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекнатиот имот заради ефикасна борба против корупцијата, да продолжи собраниската процедура за измени на Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи и 50 отсто жени на листите и да се интензивира користењето на обновливи извори на енергија преку формирање енергетски задруги, за граѓаните да станат производители на електрична енергија, како и формирање Фонд за енергетска ефикасност“,
информираат од ДОМ.
ДОМ ја даде поддршката еден ден откако во Собранието почна расправата за предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за разрешување на министри и заменици-министри од Алтерантива, кои досега беа дел од Владата, но и за назначување нови, сега од новиот владин партнер, Алијанса за Албанците.
Од вчера владиното мнозинство остана без Демократскиот сојуз на Павле Трајанов откако на седница на Претседателството и Централниот совет е донесена одлука да не ја поддржат реконструкцијата на Владата и да го напуштат парламентарното мнозинство.
Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.
Премиерот Димитар Ковачесвки денеска рече дека владиното мнозинство е стабилно и цврсто и дека реконструкцијата ќе помине со гласовите на повеќе од 64 пратеници.