Претходно и од Општина Карпош објавија дека дојава имало и во нивно основно училиште. Исто така, денеска пораки дека има поставено бомби стигнаа и во осум средни школи во Скопје
Дојава за бомба денеска пристигнала и во Општинското основно училиште „Кочо Рацин“ на Водно, потврдија од Општина Центар, а по проверките градоначалникот Горан Герасимовски преку соопштение информираше дека станува збор за лажна дојава.
„Откако на мејл адреса на основното училиштето е упатена закана за поставена експлозивна направа, веднаш е пријавено во Министерството за внатрешни работи по што полициски службеници веднаш го евакуираа училиштето. Преземени се сите мерки и антитерористички проверки, при што утврдено е дека станува збор за лажна пријава“,
соопштија од Општина Центар.
Денеска, првичната информација од МВР беше дека пристигнала дојава за бомби во осум средни училишта, а потоа од Министерството потврдија дека имало дојава и за едно основно училиште.
Од МВР не наведоа за кое училиште станува збор, но набргу потоа од Општина Карпош објавија дека дојава пристигнала во нивното основно училиште „Петар Поп Арсов во Карпош 4.
Со потврдата и од Општина Центар, тоа би значело дека покрај средните, дојави имало во две основни школи во Скопје.