Директорот на ЕСМ беше дециден дека доколку евентуално пристигнатите понуди ги исполнуваат овие критериуми и доколку овие понуди по препорака на Христијан Мицкоски имаат најниски цени и доколку ќе донесат бенефит на државата и на ЕСМ од 300 милиони евра државната компанија веднаш ќе склучи договори за испорака на овие енергенси за грејната сезона
Директорот на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, денеска во изјава за медиумите јавно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш да ги исконтактира компаниите со кои тврди дека има комуникација и можат да достават мазут и природен гас по цени со кои државата ќе заштеди 300 милиони евра и да побара тие фирми најдоцна до среда да достават официјални понуди до ЕСМ.
Ковачевски истакна дека секоја понуда што е пристигната и е во насока за подобрување на енергетската криза е добредојдена.
„Токму затоа ја користам оваа пригода јавно да го повикам Христијан Мицкоски денеска веднаш да ги исконтактира тие компании од кои има индикативни понуди и за кои кажа дека имаат важност од една недела. Тие компании во текот на следните неколку дена, но не подоцна од среда, да достават официјални понуди до Акционерското друштво“,
рече директорот на ЕСМ.
Понудите, како што нагласи тој, треба да содржат технички карактеристики на енергенсот што го нудат, односно мазутот или природниот гас, да ги имаат потребните сертификати, да ги имаат сите потребни лиценци, да ги имаат обезбедено количините што ни се потребни, а тоа се 250 илјади тони мазут и 250 милиони нормални кубни метри гас, потоа да имаат договори со добавувачите, да имаат обезбедено логистика и транспорт на енергенсите до производните капацитети, а тоа значи мазутот да се достави до ТЕЦ Неготино, РЕК Битола и РЕК Осломеј, а природниот гас да се достави до ТЕ-ТО и топланите во Скопје.
„Да има и динамика на испорака согласно производниот план на АД ЕСМ и на крајот да ги имаат обезбедено банкарските гаранции, едната за сериозност на доставената понуда, а втората за квалитетно извршување на постигнатите договори. Впрочем, ова се критериуми и услови што и досега се барале во сите јавни набавки на овие енергенси“,
посочи Ковачевски и додаде дека доколку евентуално пристигнат ваквите понуди до АД ЕСМ комплетни, тие согласно законот за јавни набавки на енергенси веднаш ќе бидат разгледани од Комисијата за јавни набавки на АД ЕСМ.
Директорот на ЕСМ беше дециден дека доколку евентуално пристигнатите понуди ги исполнуваат овие критериуми и доколку овие понуди по препорака на Христијан Мицкоски имаат најниски цени и доколку донесат бенефит на државата и на ЕСМ од 300 милиони евра, државната компанија веднаш ќе склучи договори за испорака на овие енергенси за грејната сезона.
Доколку вакви понуди не пристигнат, Ковачевски рече дека јавноста ќе биде дополнително известена за текот и исходот на постапката што ја имаат спроведено.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на брифинг со новинарите го образложи својот предлог и кажа „ВМРО-ДПМНЕ обезбеди индицирани понуди за набавка на 200 000 тони за ТЕЦ Неготино и 250 милиони кубни метри гас за гасната централа ТЕ-ТО, со кои значително ќе се ублажи енергетската криза во Македонија и ќе се заштедат најмалку 300 милиони евра“.
Тој додаде дека имаат контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Газпром“ да донесат количина на гас што е доволна, односно некаде околу 250 милиони кубни метри гас кои се потребни за да работи ТЕ-ТО во наредните шест месеци, да ги замени количините на електрична енергија од ТЕЦ „Неготино“, доколку ги користи македонското стопанство, а како нуспроизвод од тој процес е топлината која ќе ги задоволи половина од потребите на институциите и домовите во Скопје за централно затоплување. Другата половина се обезбедува преку топланите кои се сопственост на БЕГ, додаде Мицкоски.
Мицкоски предупреди дека доколку Владата не реагира на оваа понуда во наредните денови, потоа би можело да биде доцна, особено за индустриските капацитети кои набавуваат струја на слободниот пазар.