Што се однесува до тоа да ми биде забрането да влезам во Македонија, нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил, да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа, рече Џамбаски
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, во изјава за бугарска Нова, коментирајќи ја изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека ќе ѝ предложи на Владата европратеникот Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата, индиректно му се закани со атентат, потсетувајќи на атентатот на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.
На прашање на новинарот на Нова дали се препознава во изјавата „на еден европратеник од Бугарија ќе му биде забранет влез во Македонија, а ако се обиде да влезе, ќе биде прогласен за персона нон грата“, Џамбаски одговара:
„Што се однесува до тоа да ми биде забрането да влезам во Македонија, нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“,
Инаку, кралот Александар Караѓорѓевиќ бил убиен во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, по наредба на ВМРО, на 9 октомври 1934 година.
На прашањето дали планирал да дојде во Скопје на 4 февруари заедно со поголема група луѓе да ја одбележат 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Џамбаски рече дека не планирал бидејќи имал други обврски, но сега не би можел да ја одбие „ваквата љубезна покана“.
Коментирајќи ја изјавата на Пендаровски дека руската разузнавачка служба стои зад структурите во Бугарија кои вршат антидржавна кампања кон С Македонија, Џамбаски изјави:
„Ако некаде треба да се бара српска, руска, коминтерновска врска, тоа е во Скопје, не во Бугарија. Македонизмот како политичка доктрина, како оружје против Бугарија, секогаш е испровоциран од Белград и Москва, никогаш од Бугарија. Во Скопје се слуша екот на задачите што им ги поставуваат Белград и Москва, а кои имаат за цел да го поделат бугарското општество, да го постават општеството во Македонија против Бугарија“.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски во изјава за „360 степени“ велат дека нема да ја коментираат изјавата на бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски.
Владата вчера на седница одлучи да ги следи препораките на Пендаровски во врска со одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, 4 февруари, но не кажа дали ќе им забрани влез на европратеник и на други бугарски државјани.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, не кажа дали на бугарскиот европратеник ќе му биде дозволен влез во Северна Македонија доколку тој одлучи да дојде на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев во земјава.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, од Штип нагласи дека на МВР е да ги преземе сите мерки за безбедно чествување на 4 февруари, но и дека Министерството може да постапи согласно Законот за странци, односно одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата заради активности кои ги нарушуваат меѓународните односи на нашата држава и внатрешниот поредок.