„Треба да ги разгледаме сите аспекти. Таму каде што е можно рокот да се продолжи, таму каде што има потреба од друг вид на одлука и решение да се спроведат други одлуки“, рече техничкиот премиер
Дел од можните решенија ќе ги дефинираме со пратениците како закон, а другиот дел преку одлука на Владата, односно ќе се согледаат сите аспекти и во зависност од можностите ќе се употребат како решенија за надминување на актуелните прашања. Ова денеска од тетовско Селце каде што присуствуваше на поставување камен-темелник за ново училиште го изјави техничкиот премиер Талат Џафери во врска со прашање што ќе преземе за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок согласно Преспанскиот договор истекува вечерва на полноќ.

Тој најави и дека денеска ќе оди во Собранието, како и дека очекува дека во текот на денот ќе има и соодветна одлука
„Секако дека размислуваме и за законско решение. Во текот на денот ќе имаме и соодветна одлука, имајќи предвид дека денеска треба да одам во Собранието поради други обврски. Веќе е искоординирано да имаме заедничка средба, значи со Собранието, со пратениците и евентуални решенија да ги дефинираме како закон, а другиот дел од можните решенија преку одлука на Влада, она што е соодветно и можност да се спроведе и да се изведе, и да ги согледаме сите можности. Секако, работиме на тоа и ќе има соодветна одлука и решение за прашањето коешто се актуелно,
истакна Џафери.
Според процените на Џафери, треба да се разгледаат сите аспекти, па потоа во зависност од можностите да се спроведат решенија.
„Треба да ги согледаме сите аспекти. Таму каде што е можно продолжение на рокот да се продолжи, таму каде што има потреба од друг вид на одлука и решение да се спроведат други одлуки“,
рече Џафери.
Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска кажа дека пратеничките групи треба да дејствуваат координирано за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале.
Претседателот на Собранието побарал од координаторите да ги информираат пратениците дека доколку е потребно ќе закаже итна собраниска седница во текот на денешниот ден.
Од СДСМ денеска најавија дека нивната пратеничка група ќе поднесе предлог-законски измени со кои на возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста по 12 февруари.
Со законските измени кои ги предлага СДСМ би се овозможило возачките дозволи да може да се користат за внатрешна употреба и по 12 февруари, а граѓаните да не се казнуваат ако во сообраќај бидат затекнати со возачка дозвола со старото уставно име на државата.
Претседателот на државата Стево Пендаровски доцна синоќа побара од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање.
Според Министерството за внатрешни работи, од утре ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија. Оттаму ќе постапуваат согласно закон и затоа апелираат граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија.
„Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“,
велат од МВР.
МВР информираше и граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно.
„Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека кој било граѓанин на Република Северна Македонија што ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа“,
рекоа оттаму.