Според собранискиот спикер уставните измени не се работа на интерес на мнозинството или опозицијата, туку тоа е интерес на граѓаните и оти на ваков начин треба да се гледа на овој процес
Процесот на уставни измени треба да биде сеопфатен и во него да учествуваат сите пратенички групи, смета претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Според собранискиот спикер уставните измени не се работа на интерес на мнозинството или опозицијата, туку тоа е интерес на граѓаните и оти на ваков начин треба да се гледа на овој процес.
Џафери нагласи дека, кога станува збор за ова прашање, според него, ниту еден политички субјект не е против вметнувањето на други заедници во Уставот.
„Што се однесува до уставните измени мислам дека сите субјекти дадоа мислење дека не е проблем вметнувањето на други заедници во Уставот. Уставните измени не е работа на интерес на мнозинства или опозиција туку тоа е суштина по која што треба да се оствари втората стратешка цел – едната е да се биде челнка на НАТО, другата е да се биде членка на Европската Унија. Едната е веќе реализирана, во однос на другата во јули беше одржана првата меѓувладина конференција (со ЕУ), во септември почна скрининг процесот и една од нашите обврски се уставните измени, тоа е во интерес на граѓаните и на државата, а не на теснопартиските интереси. Мислам дека на ваков начин треба да се гледа процесот на уставните измени“,
изјави Џафери, одговорајќи на новинарски прашања за време на денешниот настан во Гостивар во рамките на карванот „ „Собрание за граѓаните“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Продолжувајќи во овој контекст, тој додаде дека сега ниту мнозинството не може да каже дека има мнозинство за уставни измени оти тоа не е само нивни интерес.
„Затоа тоа треба да биде сеопфатен просец во кој ќе учестуваат сите пратенички групи и со тоа да го отворат нашиот пат понатаму кон Европската Унија“,
истакна Џафери.
Лидерската средба во понеделникот, на која според изјавите на чесниците, прашањето за уставните измени било едно главните, заврши без конкретни заклучоци.
По средбата, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека пред неговите колеги од останатите партии изнел свои заклучоци, но тие не биле усвоени од страна на останатите лидери на политичките партии.
Тој додаде дека побарал претставниците на политичките партии да учествуваат во давањето поддршка и спроведувањето на неопходните европски реформи кои произлегуваат од преговарачката рамка и Извештајот на ЕУ и процесот на скрининг што се одвива во моментов.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по состанокот излезе со порака дека владејачкото мнозинство го нема мнозинството од 80 пратеници потребни да гласаат за уставни измени со кои Бугарите и други народи би се вметнале во Преамбулата од Уставот. Затоа, рече тој, побарал да се формира техничка влада и да се оди на предвремени парламентарни избори.
Мицкоски посочи дека лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од владината коалиција предложил да се излезе со заклучок и да се побара бугарската влада да го признае македонското малцинство во Бугарија.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржало предлогот и тоа, наведе Мицкоски, е еден од условите со кои пратениците од неговата партија би гласале за уставни измени.
Али Ахмети, лидерот на ДУИ по средбата изјави дека разлики има и тие не се за потценување. Тој апелираше да се надминат носталгиите и „да се вратиме на рационалноста“.
Ние, рече Ахмети, сме тие кои треба да направи повеќе конкретни чекори кон ЕУ затоа што ние бараме да сме дел од оваа унија и затоа нам ни се поставуваат услови како владеење на правото, судски реформи, борба против криминалот и корупцијата.
В.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари порача дека неговата партија апсолутно го поддржува процесот за уставни измени со кои Бугарите и други народи треба да се вметнат во Преамбулата од Уставот. Ние сме тука, рече тој, да помогнеме со сите сили.
На состанокот, посочи тој, го отвориле и прашањето за замена на „20 проценти“ со „албански јазик“ во Уставот што изминатиот период АА и Беса го поставија како услов за да поддржат други уставни измени.