Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа и дека нема потреба да присуствува на евентуални наредни средби во иднина на кои би се разговарало за уставните измени. Меѓу условите за неговата партија да поддржи уставни измени тој ги наведе барање до бугарската влада да го признае македонското малцинство во Бугарија, да нема разговори за историјата, идентитетот, јазикот …
По денешната лидерска средба во Собранието, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со порака дека владејачкото мнозинство го нема мнозинството од 80 пратеници потребни да гласаат за уставни измени со кои Бугарите и други народи би се вметнале во Преамбулата од Уставот.
Затоа, тој рече дека побарал да се формира техничка влада и да се оди на предвремени парламентарни избори.
„Од она што можам да го заклучам, а тука се и останатите претседатели на политичките партии кои се дел од нашата коалиција, е дека мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок, логичен след на настаните е парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентарни избори. Тоа беше и од наша страна побарано на денешниот состанок откако стана очигледно дека немаме мнозинство кое би гласало за евентуални уставни измени кои ги предлага владиното мнозинство. Констатиравме дека ова е задоцнета средба и дека консензус и консултации со парламентарни политички партии се прави пред да се носат одлуки“,
изјави Мицкоски.
Вакви, како што нарече тој, пост фестум консултации се непотребни и фрустрираат, а тој присуствувал на лидерската само за да не ги обвинуваат дека се антидржавна, неконструктивна и партија спротивна на иднината на државата.
Мицкоски кажа и дека нема потреба да присуствува на евентуални наредни средби во иднина на кои би се разговарало за уставните измени.
„Кажав дека е јасно дека нема мнозинство, нема услови за консензус и дека лично моето присуство на која било наредна средба е беспредметно ако разговараме за уставни измени“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето како понатаму со оглед дека вметнувањето на Бугарите во Уставот е дел и од преговарачката рамка, тој одговори дека тоа не е европски пат и европско барање.
„Тоа не е европски пат и европско барање. Прашање е дали Европа навистина ја сака Македонија. Ако ја сака тогаш ова не е вистинското европско барање. Тоа не е патот кој треба да ја однесе Македонија во Европа. Никогаш во животот ултиматуми, закани и уцени не сум прифаќал“,
рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од владината коалиција предложил да се излезе со заклучок и да се побара бугарската влада да го признае македонското малцинство во Бугарија.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржало предлогот и тоа, наведе Мицкоски, е еден од условите со кои пратениците од неговата партија би гласале за уставни измени.
„Самото тоа што го поддржав барањето на Павле Трајанов за признавање од бугарската влада на македонското малцинство во Бугарија е еден од тие услови. Втор услов е дека нема да има хегемонистички барања од страна на Бугарија – разговараме за историја како услов, негирање на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик итн. И уште многу други услови кои за жал отсуствуваат, ги нема. Бидејќи не се исполнети тие очекувања, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата нема да гласа за уставните измени“,
рече Мицкоски.
Тој претходно кажа и дека жали што на денешната средба не се разговарало за проблемите на граѓаните предизвикани од кризата туку за уставните измени со кои, според него, власта сака да го сврти фокусот бидејќи е неспособна да се справи со предизвиците како инфлацијата и зголемувањето на цените.