Од СДСМ велат дека граѓаните, критичарите и опозицијата не се „талог“, туку дека тоа се оние кои ја злоупотребуваат власта, што ги дели луѓето, што седи до обвинителот и испраќа закани на денот на независноста

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение упати критики до премиерот Христијан Мицкоски за неговиот говор на прославата по повод 35 години од независноста на државата, обвинувајќи го за хипокризија, поделби и отворени закани кон граѓаните и опозицијата.
Од опозициската партија истакнуваат дека премиерот, наместо државнички пораки, искористил реторика што ги дели луѓето и директно го навредува народот.
Од СДСМ посочуваат дека Мицкоски прво апелирал за единство, а потоа се вратил на реториката во која луѓето што мислат поинаку се нарекуваат „талог.
Според СДСМ, тоа што на прославата премиерот седел до државниот обвинител Ненад Савески претставува директна порака за контрола врз правосудството и за заплашување на критичарите и медиумите.
„На јубилејот на независноста премиерот прво зборува за единство, за жртвите, за иднината.
се вели во соопштението од СДСМ.
Потоа ја активира истата стара фашистичка реторика на ‘талог’ кампањата што ја води од Илинден наваму, по теркот од најмрачните периоди. И за да биде пораката кристално јасна, седнува до државниот обвинител. Ова е порака: ние ги контролираме институциите, ние ќе ‘расчистуваме’, ние одлучуваме кој е талог, а кој е ВМРО“,
Од партијата ја критикуваат актуелната Влада и за задолжувањата од четири милијарди евра, сомнителните тендери и случаите на мито.
„Додека зборува за правда и за тоа дека ‘талогот не смее да стане елита’, неговата Влада е најголемиот пример токму за тоа – криминални тендери, задолжувања од четири милијарди евра за две години, мито дури и кај директорите и возачите, поделби, заплашување на критичарите и медиумите“,
додаваат од СДСМ.
Оттаму порачуваат дека граѓаните, критичарите и опозицијата не се „талог“, туку дека тоа се оние кои ја злоупотребуваат власта, што ги дели луѓето, што седи до обвинителот и испраќа закани на денот на независноста. Од СДСМ велат дека ќе продолжат да ги бранат слободата на говор и демократските вредности.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на свеченоста под слоганот „Силно светнал ден“ што по повод 35-годишнинатата од независноста на државата се одржа на платото пред Владата, повика на обединување и меѓусебна поддршка, додавајќи дека државата не треба да се дели на ваша или наша, туку да биде заеднички дом за сите граѓани.
Посочи дека нема да бара од оние што не се согласуваат со него да почнат да мислат како него, туку кога станува збор за државата, ќе бара да најдеме сила да застанеме еден до друг.
Во продолжение на говорот, Мицкоски се осврна и на политичките поделби во земјата, оценувајќи дека 35 години независност се доволна временска дистанца за да се препознаат слабостите и да се извлечат поуки.
Според него, живееме во општество со длабоки контрасти, но оцени дека тие повеќе се присутни меѓу политичките елити отколку кај граѓаните.
