„Посакувам и работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема подобра алтернатива за државата. Но, пред нас има уште еден последен предизвик, не за да го завршиме патот, туку за да го почнеме. Но за тоа најпрво треба да создадеме доверба“, порача премиерот во говорот
Премалку сме да се делиме, порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста под слоганот „Силно светнал ден“ што по повод 35-годишнинатата од независноста на државата полладнево се одржа на платото пред Владата.

Во говорот што траеше околу половина час, премиерот повика на обединување и меѓусебна поддршка, додавајќи дека државата не треба да се дели на ваша или наша, туку да биде заеднички дом за сите граѓани.
„За сите има место и почит под ова небо и знаме. И не постои ваша или наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја, Има само една татковина, еден сон, една борба, една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме“,
рече Мицкоски.
Според него, денес, 35 години подоцна, не треба да гледаме само назад кон патот што сме го изоделе, туку напред кон држава што допрва треба да ја изградиме, посилна, обединета, достоинствена, земја во која нашите деца ќе остануваат, ќе создаваат и ќе сонуваат и во која човек ќе знае дека ова е неговиот дом.
За државата да најдеме сила да застанеме еден до друг
Посочи дека нема да бара од оние што не се согласуваат со него да почнат да мислат како него, туку кога станува збор за државата, ќе бара да најдеме сила да застанеме еден до друг.
„Држава на сите луѓе не треба да биде само политички концепт. Треба да биде наш општествен договор. Ветување едни кон други дека никој нема да биде помалку важен затоа што е различен, дека никој нема дабиде оставен зад нас и дека државата ќе биде доволно голема за сите нејзини граѓани. Да им оставиме држава во која нема да се наследат стари омрази, туку нови можности“,
вели премиерот.
Државата, посочи дека треба да гледа иднина и да се изгради во посилна, обединета и достоинствена земја, во која младите остануваат и ќе ги оставруваат своите соништа.
Национална амбиција, според него, во следните 35 години не треба да биде само опстанок, туку оспех.
„Народот што со векови научил како да преживува сега мора да научи да победува во мир, како да произведува знаење, да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот и да ги задржи своите најдобри деца дома. Тоа е нашата историска борба“,
кажа тој.
Оваа генерација да ја внесе државата во Европската Унија
Во обраќањето тој се осврна и на евроинтеграцијата на државата, порачувајќи дека негова цел е оваа генерација да биде таа што ќе ја внесе државата во Европската Унија. Сепак, додаде дека за продолжување на европскиот пат најпрво е потребно да се создаде доверба.
„Посакувам и работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема подобра алтернатива за државата. Но, пред нас има уште еден последен предизвик, не за да го завршиме патот, туку за да го почнеме. Но за тоа најпрво треба да создадеме доверба“,
рече Мицкоски.
Според него, довербата може да се изгради само со прифаќање на фактите и надминување на прашањата што ја попречуваат.

Побара да престане игнорирањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на македонската заедница во Бугарија, негирањето на правото на употреба на македонскиот јазик, како и оспорувањето на историските корени на македонскиот народ преку тврдења дека неговото постоење е резултат на одлука на комунистичката коминтерна.
„Тоа се факти од кои нема бегање и додека не ги прифатиме овие факти нема доверба, а кога нема доверба нема дијалог. Затоа, најпрвин да создадеме доверба, а потоа да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води никаде, туку кон нови проблеми и нови порази“,
вели тој.
Нема компромис за идентитетот, јазикот и културата
Нагласи дека европскиот пат е стратешка определба на државата, но оти нема компромис кога станува збор за идентитетот, јазикот и културата.
„Има прашања за кои нема компромиси и договори под маса. Нема играње со она што значи нашиот идентитет, нашето постоење, нашиот јазик и култура. Компромисот за овие прашања значи рушење на македонскиот АСНОМ и Илинден“,
кажа Мицкоски.
Политичките елити го разединуваат народот и внесуваат сомнеж во сѐ што се прави
Во продолжение на говорот, Мицкоски се осврна и на политичките поделби во земјата, оценувајќи дека 35 години независност се доволна временска дистанца за да се препознаат слабостите и да се извлечат поуки.
Според него, живееме во општество со длабоки контрасти, но оцени дека тие повеќе се присутни меѓу политичките елити отколку кај граѓаните.
„Многумина ми рекоа, сепак е ова свечена пригода, не се занимавај со нив. Точно е тоа, но мора да се демонтира нивниот лажен морал за народот да знае со какви предизвици се соочуваме“,
додаде Мицкоски.
Ги обвини политичките противници дека создаваат безнадежност, поделби и сомнеж во, како што рече, секој проект што води напред.

Мицкоски наброја дел од владините проекти и политики, меѓу кои изградбата на болници и патишта, нов клинички центар, инфраструктурни проекти во општините, брза железница, повисоки плати и пензии, дата-центри и привлекување нови инвестиции.
Во однос на набавката на владин авион, тој рече дека не станува збор за луксуз, туку за ресурс кој може да биде искористен и за спасување човечки животи.
„Кога ќе заврши мојот мандат, ниту дата-центрите, ниту болниците, ниту училиштата по општините, ниту авионот ќе ги земам со себе. Тоа останува на граѓаните, на државата, на народот“,
кажа тој.
И покрај политичките несогласувања, додаде дека ќе продолжи да нуди дијалог и да гради мостови, оценувајќи дека интересот на државата треба да биде над политичките суети.
„Ќе продолжиме да градиме мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажеме од тоа да понудиме дијалог. Сечија суета, па и мојата, не значат ништо кога во прашање е Македонија“,
заклучи премиерот во говорот.
Поврзани вести:
- Македонија одбележува 35 години независност
- Сиљановска-Давкова: Независноста не е завршено историско дело, туку трајна обврска на генерациите
- Гаши: Оваа годишнина да ја гледаме со верба и оптимизам, преку она што сме изградиле и што останува да направиме
- Филипче по повод 8 Септември: Нашата генерација има обврска да се избори за европска Македонија
- Да градиме држава што обединува, а не политики што разделува – вели Ахмети по повод 8 Септември
- Партиите и политичарите го честитаат 8 Септември – Денот на независноста
- (ВО ЖИВО) Свеченост по повод 35 години независност
