„Да ја продолжиме македонската државотворна линија, со заедништво, со достоинство и со јасна визија за иднината во Европа. Затоа што Македонија е се што имаме“, вели лидерот на опозициската СДСМ
Нашата генерација има обврска да се избори нашите деца да сакаат да живеат во неа, да се избори за европска Македонија, порача лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче во честитката по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Порача дека 35 години по референдумот државата треба да се гледа напред и да создава подобри услови за живот на граѓаните.
Според него, македонската државност не започнува во 1991 година, туку е резултат на историски, политички и револуционерен континуитет, од Илинден и АСНОМ до референдумот за независност.
„Од идеалите на Илинден, преку одлуките на АСНОМ со кои беше втемелена македонската државност, до референдумот на 8 Септември и одлуката да продолжиме по патот на независноста. Секоја генерација имала своја историска улога. Илинденската генерација ги постави темелите на борбата за слобода. АСНОМската генерација ја оствари таа цел и ја втемели македонска државност. Генерацијата од 1991 година се избори за независна држава, избирајќи го мирот во време на војни, и ја започна тешката битка за меѓународно признавање. Генерациите потоа решаваа тешки спорови и остварија една од клучните стратешки цели поставени уште од независноста – членството на Македонија во НАТО, го отворија патот кон Европската Унија и го обезбедија македонскиот јазик и идентитет“,
вели тој во честитката.
Посочи дека неговата партија е дел од тој држатворен континуитет-активен учесник во создавањето и развојот на современата македонска држава, во борбата за независност по мирен пат, меѓународното признавање, членството во НАТО и европската интеграција.
„Но, денес, кога славиме 35 години независнот мора да се гледаме, пред се напред – кон годините и децениите што доаѓаат. Напите предци се бореа да имаме своја држава. Оваа нашата генерација има обврска да се избори нашите деца да сакаат да живеат во неа, да се избори за Европска Македонија“,
порача Филипче.
Според него, државата е и секојдневниот живот на граѓаните и дека треба да создава услови за достоинствен живот – родителите да можат да го издржуваат семејството, младите да создаваат дом, а повозрасните да имаат сигурна и достоинствена старост.
„Да изградиме економски силна, европска држава, со подобар животен стандард, во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома. Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда шти важи еднакво за сите. Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома“,
вели лидерот на СДСМ.
Тоа, како што посочи е нашата генерациска задача.
„Да ја продолжиме македонската државотворна линија, со заедништво, со достоинство и со јасна визија за иднината во Европа. Затоа што Македонија е се што имаме“,
посочи тој во честитката.
