„Денес, мојата загриженост не е само за она што е постигнато, туку и за она што може да се изгуби доколку заборавиме зошто беа потребни промените од 2001 година. Загрижува кога гледам исклучување во застапеноста, пречки во употребата на јазиците, неинклузивност во културата и јавниот живот или обиди за поткопување и релативизирање на принципите врз кои беше изграден мирот. Треба да бидеме внимателни. Затоа што државите не се ослабуваат со еднаквост, туку кога нивните граѓани почнуваат да се чувствуваат исклучени“, вели лидерот на ДУИ
Да го зачуваме она што го изградивме заеднo и да го придвижиме напред. Да не се враќаме кон политиките што разделуваат, туку да одиме кон држава што обединува. Затоа што европската иднина на Северна Македонија не се гради со намалување на правата на некого, туку со зголемување на довербата меѓу сите. Ова е денешната порака на лидерот на опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод Денот на независноста на државата.

Токму овој ден, како што вели, е можност да се потсетиме на патот што го изминала државата, но и да се размисли каква земја ќе биде оставена на идните генерации.
„Оваа држава не е изградена за еден ден, ниту само од една заедница. Но, многу години, дел од нејзините граѓани, Албанците и другите немнозински заедници, не се чувствуваа како нејзин рамноправен дел. Уставните измени од 1989 година, начинот на кој беше воспоставен уставниот поредок на почетокот на 90-тите години, како и исклучувањето на Албанците и другите заедници од клучните процеси на создавањето на државата, создадоа длабок јаз меѓу државата и дел од нејзините граѓани. Тоа беше историска неправда, но и неодржлив државен модел. 2001 година беше токму соочување со оваа реалност“,
вели тој.
Како пресвртница тој ја посочува 2001 година и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој, според него, не донел само уставни промени, туку ја променил и концепцијата на функционирањето на државата – од доминација на мнозинството кон соживот, еднаквост и заедничка одговорност.
„Албанците не бараа друга држава. Напротив, се обврзаа заедно да ја градат оваа држава“,
додава Ахмети.
Според него, интеграцијата на Албанците и другите немнозински заедници во институциите и јавниот живот била долг процес, кој барал реформи, политички ангажман и промена на начинот на размислување.
„Во овој процес, Демократската унија за интеграција го гледаше интегрирањето на Албанците и немнозинските заедници не како исклучување на некој друг, туку како градење на пофункционална, подемократска и поправедна држава. Тоа е и суштината на Охридскиот мировен договор“,
пишиува во честитката на лидерот на ДУИ.
Според Ахмети, резултатите од Охридскиот договор не се достигнување само на една заедница или политичка партија, туку дел од пошироката трансформација на државата.
„Охридскиот договор ја зајакна унитарноста на државата, правејќи ја подемократска. Ја направи постабилна, правејќи ја поинклузивна. И создаде основа врз која земјата продолжи по патот кон НАТО и Европската Унија“,
наведува тој.
Предупредува дека секој обид Охридскиот договор да се претставува како закана за државата значи враќање кон политики за кои, како што вели, историјата веќе го дала својот одговор.
„Денес, мојата загриженост не е само за она што е постигнато, туку и за она што може да се изгуби доколку заборавиме зошто беа потребни промените од 2001 година. Загрижува кога гледам исклучување во застапеноста, пречки во употребата на јазиците, неинклузивност во културата и јавниот живот или обиди за поткопување и релативизирање на принципите врз кои беше изграден мирот. Треба да бидеме внимателни. Затоа што државите не се ослабуваат со еднаквост. Државите се ослабуваат кога нивните граѓани почнуваат да се чувствуваат исклучени“,
вели Ахмети.
Неговата визија за Северна Македонија, како што вели, е држава на сите нејзини граѓани – унитарна, демократска и европска, заснована на еднаквост и меѓусебно почитување.
„Албанците давале и ќе продолжат да даваат свој придонес во нејзиното градење и зајакнување. Но, за тоа е потребна заедничка волја секој граѓанин да ја чувствува оваа земја како своја, а секоја заедница да се препознава себеси во нејзините институции“,
посочува лидерот на ДУИ.
- Северна Македонија одбележува 35 години независност
- Сиљановска-Давкова: Независноста не е завршено историско дело, туку трајна обврска на генерациите
- Гаши: Оваа годишнина да ја гледаме со верба и оптимизам, преку она што сме изградиле и што останува да направиме
- Филипче по повод 8 Септември: Нашата генерација има обврска да се избори за европска Македонија
