Всушност, на седницата што почнува следната недела Собранието само ќе констатира дека Владата, како предлагач, го повлекла законското решение, така што за него ќе нема повторно гласање во трето читање
Законот за легализација на бесправно изградени објекти се најде во агендата на новата собраниска седница, што почнува на 8 јуни, а чиј дневен ред е утврден на денешната редовна координација во Собранието.
Иако Владата викендов соопшти дека го повлекува законот на кој претседателот Стево Пендаровски стави вето, по мноштвото реакции во јавноста, Џафери реши да постапи согласно деловничките обврски кои предвидуваат закон што не е потпишан од шефот на државата да се врати на трето читање кај пратениците во рок од 30 дена откако е изгласан.
Сепак, соговорници од координацијата велат за „360 степени“ дека законот за легализација на дивоградби само формално е вратен на дневен ред, откако Џафери им соопштил на присутните на состанокот дека Владата во меѓувреме и официјално го повлекла од понатамошна процедура. Всушност, на седницата што почнува следната недела Собранието само ќе констатира дека Владата како предлагач го повлекла законското решение, така што за него ќе нема повторно гласање во трето читање, затоа што ќе биде симнато како точка пред утврдувањето на дневниот ред.
Иако по објавата на Владата дека го повлекува законот во Собранието имаше различни толкувања околу тоа дали може да се анулира закон што е веќе изгласан во второ читање, сега толкувањата и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се дека предлагачот може да го повлече предлогот пред почетокот на расправата, независно од тоа во која фаза од постапката е одредена регулатива, затоа што, како што се посочува, се законот не може да се смета за донесен сѐ додека претседателот на државата не го потпише указот за негово стапување во сила.
Премиерот Зоран Заев најави дека при подготовката на новиот закон Владата има има намера да ја прифати сугестијата за строга забрана за легализација на дивоградби во националните паркови и заштитени подрачја на строга заштита и во подрачјата на втората зона на условена заштита. Тој најави и дебата за контроверзниот член 41, со кој се предвидува запирање на кривичните и граѓанските постапки за бесправно градење.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, најави дека новиот закон ќе биде порестриктивен.