Државниот врв традиционално денот ќе го одбележи со настани во Скопје, Пелинце и Крушево. Претседателот на парламентот, Талат Џафери ќе има обраќање во Скопје, премиерот Зоран Заев во Пелинце, а шефот на државата, Стево Пендаровски, ќе биде домаќин на прославата во Крушево
Денеска државата го празнува еден од најголемите државни празници, 2 Август – Денот на Републиката. Годинава одбележуваме 118 години од Крушевската Република и 77 од првото заседание на АСНОМ.
Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.
Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
Како ќе се одбележи Денот на Републиката?
Државниот врв традиционално денот ќе го одбележи со настани во Скопје, Пелинце и Крушево.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе има обраќање во Скопје, каде ќе државни делегации ќе положат и цвеќиња на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев.
Премиерот Зоран Заев, пак, ќе биде домаќин на прославата пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде ќе одржи и говор, додека шефот на државата, Стево Пендаровски, годинава е организатор на настанот во Крушево, кој овојпат ќе биде со поразличен концепт. Тој најави дека нема да одржи говор бидејќи сака да ја деескалира вообичаената атмосфера на Мечкин Камен која често е проследена со навреди.
Во претпладневните часови во Крушево ќе има панихида во храмот „Св. Никола“, а ќе се положат и цвеќиња на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на Слива. Ќе има и празнична програма пред Македониумот, а централниот дел од прославата ќе започне во 18 часот.