Шефот на државата уште пред два дена најави дека нема да држи говор во Крушево затоа што смета дека на народот му е доста од говори и сака да ја деескалира вообичаено напнатата атмосфера на Мечкин Камен за Илинден која е проследена со навреди кои повеќе разединуваат отколку што обединуваат
Премиерот Зоран Заев ќе има обраќање во Пелинце, претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Скопје, а шефот на државата, Стево Пендаровски, ќе биде во Крушево, но нема да одржи политички говор.
Ова е дел од утрешната агенда за чествувањето на Денот на Републиката – Илинден, кога земјава ќе одбележи 118 години од Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.
Според програмата, одбележувањето на празникот ќе започне во 9 часот со настани во Скопје, кои годинава ги организира Собранието. Делегација предводена од Џафери ќе положи цвеќиња на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев. Претседателот на парламентот ќе има и обраќање, а предвидена е и културно-уметничка програма.
На настанот во Скопје ќе бидат присутни и делегации на другите институции, а владината ќе ја предводат министрите за здравство и за образование и наука, Венко Филипче и Мила Царовска, и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.
На премиерот Зоран Заев, пак, годинава му се падна настанот пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде покрај положувањето цвеќиња, тој ќе одржи и говор. Во делегацијата со Заев ќе бидат првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за антикорупција, Љупчо Николовски, и министрите за внатрешни работи и за одбрана, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска.
Настанот во Крушево оваа година е во организација на претседателот на државата и тој ќе биде со поразличен концепт од досегашните. Како што и претходно најави претседателот Стево Пендаровски, овојпат нема да држи говор.
„Нема да одржам говор. Мислам дека на народот му е доста од говори. Сакам да ја деескалирам вообичаената атмосфера на Мечкин Камен, која често е проследена со навреди кои повеќе разединуваат отколку што обединуваат“,
изјави Пендаровски пред два дена.
Во претпладневните часови во Крушево ќе има панихида во храмот „Св. Никола“, а ќе се положат и цвеќиња на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на Слива. Ќе има и празнична програма пред Македониумот, а централниот дел од прославата ќе започне во 18 часот.
Таму ќе се појават актерот Никола Ристановски, музичарот Влатко Стефановски, „Танец“, Ансамблот за албански народни ора и песни и Воениот оркестар.
Претседателот Пендаровски на брифинг со новинарите во петок кажа дека ги поканил сите политички лидери на настанот закажан во 18 часот, а дотогаш имаше потврда од Зоран Заев и Али Ахмети од поголемите, додека од помалите партии присуството го потврдиле Стевчо Јакимовски, Павле Трајанов, Маја Морачанин и други.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека нема да присуствува ниту тој ниту делегација од партијата, а настанот го нарече „циркуски церемонијал“. Тој ќе го одбележи Илинден во Ташмаруништа кај Струга.
Претседателот Пендаровски реагираше на ваквата изјава велејќи дека не се памети со години некој да искажал толку длабока навреда, а за одбивањето на поканата рече дека жали што неговиот искрен обид за надминување на политичките разлики барем на Илинден не бил разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сè уште пред државата.