Според него, некои од критиките кон новите законски решенија се политички шпекулации и обиди за манипулација, нагласувајќи дека автономијата на универзитетите не е загрозена. Посочи дека импровизираат и манипулираат сите оние политички шпекуланти кои велат дека со законот се нарушува автономијата. Тие во суштина, како што додаде, се плашат од новите критериуми за избор во звање
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека состојбата во високото образование не е одржлива и посочи дека дел од универзитетските професори бараат повисоки плати, но, како што рече, не испорачуваат соодветна научна продуктивност. Ова тој го посочи денеска коментирајќи го новиот предлог-закон за високо образование и додаде дека високото образование претрпело големи штети од законското решение донесено во 2018 година.

„Така повеќе не може да биде“,
вели Мицкоски коментирајќи го Законот за високото образование од 2018 година и состојбата со домашните универзитети на меѓународните ранг-листи.
Според него, некои од критиките кон новите законски решенија се политички шпекулации и обиди за манипулација и нагласи дека автономијата на универзитетите не е загрозена.
„Импровизираат и манипулираат сите оние политички шпекуланти кои велат дека со законот се нарушува автономијата. Тие во суштина се плашат од новите критериуми за избор во звање. На состанокот што вчера го организира МОН во Владата, ректорите на државните универзитети, буквално сите, дадоа поддршка на законот“,
кажа тој.
Мицкоски посочи дека најстариот универзитет во земјата, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, бележи пад на меѓународните листи, што, според него, е показател за потреба од реформи.
„Тие сакаат да работат еден ден во неделата, а да имаат плати од 120 до 150 илјади денари и да не објавуваат научни трудови. Не сакаат да напишат еден труд годишно. Тоа не може така“,
вели премиерот.
Според него, државата веќе обезбеди двоен пораст на платите за универзитетските работници преку колективен договор, но дека за возврат мора да се зголеми научната продуктивност.
„Оваа влада им ги покачи платите на универзитетските работници двојно како резултат на колективниот договор. Суштината е таа. Не сакаат да работат. Сакаат да имаат шест часа неделно, да ги затворат во еден ден, сакаат 120, 130, 150 илјади денари плата и да не напишат ниеден научен труд. Тоа повеќе не може да биде“,
рече Мицкоски.
Обврските на универзитетските професори, како што вели премиерот, не се ограничуваат само на предавања и учество во проекти, туку вклучуваат и редовно објавување научни трудови.
Додаде дека државата веќе обезбедила услови за тоа, овозможувајќи бесплатен пристап до меѓународни научни бази како „Веб оф сајанс“ и „Скопус“.
„Тоа е она што го бараме. На одредени факултети им пречеше ‘Веб оф сајанс‘. Добро, ја проширивме базата, еве и ‘Скопус‘ ќе биде. Оваа Влада им овозможи бесплатно да пристапат во базите на списанија во рамките на ‘Веб оф сајанс‘ и ‘Скопус‘. Епа, не знам што повеќе да направиме. Мора да работат. И ако сакаме да имаме иднина како држава, мора да се зафатат со работа“,
кажа тој.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека законот за високо образование е финализиран и ќе влезе во владина процедура.
Таа посочи дека биле земени предвид дел од забелешките од универзитетите, вклучително и од уметничките факултети, по што текстот на законот е усогласен и затворен.
„Ние вторпат го поставивме законот на ЕНЕР и се договоривме да оставиме уште два-три дена за да стигнат одредени сугестии. Стигнаа одредени сугестии од уметничките факултети. Јас и тимот имавме средба со деканите на трите уметнички факултети на ‘Св. Кирил и Методиј‘. Се договоривме за една измена, која јас и целиот тим сметавме дека е оправдана, и нивното барање беше оправдано, и таа измена е вметната. По настанот вчера во Владата, каде што имавме средба со седумте ректори и присутни голем број професори од сите универзитети во земјата, законот е веќе затворен и ќе оди во владина процедура“,
рече таа.
Мицкоски вчера на прес-конференција со министерката за образование и наука Весна Јаневска посветена на новиот предлог-закон за високо образование рече оти верува дека решението ќе даде резултати бидејќи, како што рече, не е изготвен зад затворени врати, туку со широка дебата со универзитетите, експертите и студентите.
Целта, според него, е македонските универзитети да бидат препознаени како центри на квалитет и иновации.
