Премиерот верува дека новиот предлог-закон за високо образование ќе даде резултати бидејќи, како што рече, не е изготвен зад затворени врати, туку со широка дебата со универзитетите, експертите и студентите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција рече дека академската заедница е усогласена во врска со квалитетот на пакетот закони за високо образование и дека очекува наскоро да се најдат во Собрание
Дојде време да престанеме со експерименти и да почнеме со системски решенија – порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со министерката за образование и наука Весна Јаневска посветена на новиот предлог-закон за високо образование.

Во својот говор во свечената сала во Владата, премиерот, меѓу другото, рече дека долги години образованието во земјава било предмет на експерименти, а високото образование претрпело големи штети од законското решение донесено во 2018 година. Во исто толкав период, додаде Мицкоски, не е спроведена ниту една сериозна евалуација, ниту се нотирани слабостите ниту се предложени суштински решенија.
Премиерот верува дека новиот предлог-закон за високо образование ќе даде резултати бидејќи, како што рече, не е изготвен зад затворени врати, туку со широка дебата со универзитетите, експертите и студентите.
„За мене е особено важно што новиот закон создава услови младите да останат тука. Да го градат својот професионален и животен пат во сопствената држава. По првпат, студентите кои со стипендии од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети, како и најдобрите студенти во Македонија – добитници на Инженерски прстен или прогласени за најдобри на своите универзитети – ќе имаат предност при вработување на државните универзитети. Воведуваме и нов модел на финансирање на високообразовните установи. Дел од средствата ќе бидат насочени кон развој, а дел ќе зависат од резултатите. Ќе вложуваме, но ќе бараме и отчетност“.
рече Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.
Премиерот рече дека со новиот закон ќе се обезбеди поголем буџет за универзитетите и зголемена поддршка за научните трудови. Целта е македонските универзитети да бидат препознаени како центри на квалитет и иновации.
„Мора да сме свесни дека ако продолжиме на овој начин да функционираме ќе ги изгубиме младите и да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации коишто утре ќе ја водат оваа држава. Со импровизирање и со ад хок решенија или решенија што се креирани само за една мала група на луѓе не можеме да одиме напред. Ова не е закон на една Влада, туку закон за иднината на државата. Закон кој треба да донесе квалитет, стабилност и перспектива“,
рече Мицкоски.
Јаневска: Академската заедница е согласна околу квалитетот на законот
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека академската заедница е усогласена во врска со квалитетот на пакетот закони за високо образование во кои инаку спаѓаат закон за високо образование, закон за квалитет на високото образование и закон за научноистражувачка дејност.
Јаневска очекува наскоро да заврши владината процедура и законите да бидат проследени во Собранието.
„Треба да се проверат од правен аспект, да нема некоја грешка, бидејќи ова се три огромни закони. Претпоставувам дека тоа ќе потрае извесен период, затоа што треба многу внимателно да се читаат, од исклучително значење се. Потоа ќе одат на владина седница на која законите ќе ги дискутираат членовите на Владата, кои претходно ќе го имаат на увид, и ако тие се согласат дека законот треба да оди во Собрание, таму ќе се прати по службена должност. Со оглед на тоа дека МОН, односно Владата, и академската заедница веќе имаат консензус за квалитетот и добробитот на овој закон, очекувам сето ова да се заврши во многу краток период“,
рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Министерката рече дека во консултациите со академската и научната заедница биле прифатени многубројни конструктивни сугестии за подобрување на текстот на законските решенија.
