На 13 октомври ќе има пресуда дали во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ, против обвинителката Вилма Русковска, имало клевета или критичка мисла.
Во меѓувреме, адвокатите на спротивставените странки се со контра ставови за тоа која била пораката што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја испраќала во изборната кампања – дали целат била нарушување на угледот на обвинителката Русковска, или се работи за слобода на говор.
Адвокaтот Панче Ефтимов, кој ја застапува Русковска, по денешното рочиште на главната расправа изјави дека во спотовите „Штаб на лагите“ и „Криминална приказна“ нарачени од коалицијата „За обнова на Македонија“ нема никаква јавна критика за работата на обвинителката. За самиот случај рече дека е потребен, не за да се добие финансиска оштета, туку за да се спречи јавен линч на функционер.
„Во овој конкретен случај е битно партиските претставници да ги зауздаат своите јуришници и конечно стручните лица кои посветиле цела кариера за извршување на определена дејност да не бидат обезвреднувани без никаков доказ“,
рече Ефтимов.
Адвокатот на тужената страна, Панче Душковски смета дека во овој случај демократијата е на тест и се надева дека судската одлука ќе биде согласно праксата на Судот во Стразбур.
„Суштината на овој предмет е дали ќе имаме критичка мисла и слобода на говор, согласно етички стандарди или ќе имаме фиктивна демократија. Тоа е суштината на овој предмет. Овде говориме за слобода на мисла и слобода на говор“,
изјави Душковски.
Обвинителката Русковска од ВМРО-ДПМНЕ бара надомест на нематеријална штета од 615 илјади денари, кои најави дека, ако го добие спорот, ќе ги донира во СОС Детското село.