Можно е за многу брзо време да бидат воведени рестриктивни мерки во Куманово, по примерот на Дебар и Центар Жупа, каде што беше прогласена кризна состојба како превенција од ширењето на ковид-19.
Ова го најави претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.
„Мојот став е дека за Куманово ќе треба посебен фокус и внимание и можеби многу за многу брзо ќе треба да го примениме успешниот модел од Дебар и Центар Жупа, бидејќи е општина со повеќе од 100 000 жители и претставува огромен ризик за ширење на вирусот“,
изјави Пендаровски.
Коментирајќи го барањето на Општината Куманово за прогласување на 14-дневен карантин поради брзото ширење на вирусот во градот каде што има и најголем број заболени здравствени работници, Пендаровски апелираше Владата да размисли за дополнителни рестрикции.
„Тоа е работа на Владата и мислам дека, држејќи се до препораките на епидемиолозите и надлежните органи, ќе мора за многу многу брзо време, во следните 24 или 48 часа, да размисли дали комплет или делови од елементите на моделот применет при затворањето на општините Дебар и Центар Жупа, би требало можеби да се применат и во Куманово, со цел да се спречи поголемо ширење на вирусот“,
изјави Пендаровски.
Меѓу денешните нови 43 случаи на ковид-19 во Куманово, е и градоначалникот Максим Димитриевски, со кој вчера имаа средби техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми. По веста од Димитриевски дека е позитивен на ковид-19, премиерот и министрите се испратени во самоизолација. Дома ќе се изолира и државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев, кој присуствувал на состанокот.
Од Владата велат дека биле подготвени за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација, па работата на функционерите, како што велат, „продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци“.
Поврзани вести:
Пендаровски: Ќе донесам нова одлука за вонредна состојба и во наредните 30 дена
(ФОТО) Спасовски, Филипче и Османи не дојдоа на седницата на Советот за безбедност