Претседателот Стево Пендаровски, по состанокот на Советот за безбедност, најави дека денеска ќе донесе нова одлука за вонредна состојба за наредните 30 дена. Формално-правно, тоа нема да биде продолжување на вонредната состојба, која завршува денеска бидејќи претседателот нема таква можност, а Собранието не работи.
„Јасно е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација, Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредната ситуација. Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, тоа значи дека тие се сè уште со валиден мандат, а Собранието сепак не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето ваква одлука само затоа што имаме ситуација без преседан, во која е далеку поважно да ги сочуваме животите на луѓето отколку да се криеме зад правни толкувања“,
рече Пендаровски.
Бидејќи нема уставна основа, појасни тој, постојната вонредна состојба која завршува денеска поради истекот на рокот од 30 дена, нема да биде формално-правно продолжена.
„Затоа јас денеска, врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуација кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата. Но ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање затоа што на средината на мај ќе бидеме повторно во иста ситуација“,
рече Пендаровски.