Додека фотографиите од украинската област го обиколуваат светот, пристанишниот град Одеса на југот на Украина во текот на изминатата ноќ беше цел на руски воздушни напади. Во југоисточниот град Мариупол, пак, денеска повторно ќе биде ставен во функција хуманитарниот коридор, и покрај доцнењата и тешкотиите рутата да се задржи отворена за евакуација
Додека Украина започна истрага за можни воени злосторства од Русија и беа пронајдени над 400 тела, а со повик за истрага и осуди излегоа и западните земји, Русија од своја страна започна со друга истрага. Главниот руски истражител наложил официјална истрага на, како што рече, украинската „провокација“, по обвинувањата на Киев оти руската војска извршила масакрирање на цивили во градот Буча.
Шефот на рускиот истражен комитет Александар Бастрикин нареди отворање истрага „за намерно ширење лажни информации за руските вооружени сили во Буча од страна на украинските власти“, се вели во соопштението на Комитетот, а пренесува Ал џезира. Тој, сепак, не обезбеди докази за своите тврдења. Ова следува откако официјална Москва претходно ги отфрли обвинувањата и обвини дека САД и НАТО ги нарачале снимките за да ја обвинат Русија.
Макрон бара нови санкции за Русија
Откако излегоа информациите и снимките од убиствата кои биле направени во Буча, САД, но и ЕУ порачаа дека се потребни нови санкции кон Русија. Меѓу првите што излегоа со конкретни изјави беше и францускиот претседател Емануел Макрон велејќи дека треба да се воведат дополнителни санкции кон Русија,
„Постојат многу јасни индиции за воени злосторства. Во Буча беше руската армија“,
изјави Макрон за Франс интер.
Молдавија го прогласи 4 април за ден на жалост
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, пак, потпиша декрет според кој 4 април е прогласен за ден на жалост за жртвите од руската инвазија врз Украина која започна пред точно 40 дена, на 24 февруари.
Според указот, државното знаме на Молдавија ќе биде на половина копје во сите населени места во земјата, како и во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата во странство, а напладне на жртвите од војната ќе им биде оддадена почит со едноминутно молчење.
Според одлуката, се препорачува јавните власти, претпријатијата и организациите во Молдавија да одбијат да одржуваат масовни забавни настани, а медиумите – да ги земат предвид спецификите на денот во содржините кои ги објавуваат.
Одеса синоќа повторно цел на руски напади
Додека фотографиите од украинската област го обиколуваат светот, пристанишниот град Одеса на југот на Украина во текот на изминатата ноќ беше цел на руски воздушни напади. Информацијата од украинска страна ја потврди и претставникот на оперативниот штаб на Регионалната воена управа на Одеса, Сергеј Брачук.
„Врз еден од окрузите на Одеса беа лансирани неколку проектили, и е погоден еден објект“,
рече Брачук, пренесува Си-ен-ен.
Претходно, во неделата наутро, пак, руските сили ракетираа складиште за гориво во Одеса, а Брачук рече дека во инцидентот немало жртви.
Петнаесет автобуси за евакуација тргнаа од Запорожје кон Мариупол
Од југоисточниот град Мариупол, пак, денеска ќе биде во функција хуманитарниот коридор, и покрај доцнењата и тешкотиите рутата да се задржи отворена за евакуација.
„Рутата ќе биде за приватен превоз. Петнаесет автобуси за евакуација веќе заминаа од Запорожје за Мариупол“,
изјави Ирина Верешчук, украинската вицепремиерка и министерка за реинтеграција на привремено окупирани територии.
Таа додаде дека ќе се продолжи и со евакуација на луѓето од Северодонецк, Попасна, Лисичанск, Рубижне и селото Нижни во регионот на Луганск, мислејќи на заедниците на истокот на Украина, кои беа под интензивни борби и под силно гранатирање.
Photo: EPA-EFE/MIKHAIL PALINCHAK ATTENTION: GRAPHIC CONTENT