Западот излезе со остри осуди, САД повикаа на истраги за воени злосторства и зголемување на санкциите кон Русија, а дополнителни санкции најави и ЕУ. Обединетите нации, пак, повикаа на независна истрага за убиените цивили
Вкупно 410 тела се пронајдени во градовите во близина на Киев, како дел од истрагата за можни воени злосторства извршени од страна на Русија, изјави државниот обвинител на Украина.
Градоначалникот на Буча, ослободен град на 37 километри северозападно од Киев, соопшти дека 300 жители биле убиени од руските сили додека чеченските борци ја контролирале областа.
Пронаоѓањето на телата следува откако украинските власти почнаа да ги враќаат областите околу главниот град откако руските сили се повлекоа во последните денови. Тие наидоа на последици од масакр, за кој тврдат дека го извршиле силите под контрола на Русија. Од друга страна, Москва негира такво нешто и тврди дека зад убиствата на цивилите стојат украински радикали и националисти и бара итна седница на СБ на ОН за ова прашање.
Фотографиите од Буча што излегоа во јавноста покажаа најмалку 20 мажи во цивили пронајдени расфрлени низ улиците на градот, меѓу кои и маж со рацете врзани зад грб со парче ткаенина, друг убиен крај велосипед.
„Труповите на егзекутираните луѓе сè уште лежат на улицата ‘Јаблуска’ во Буча. Рацете им се врзани зад грб со бели ’цивилни‘ ткаенини, биле застрелани во задниот дел од главата. Па можете да замислите какво беззаконие се случи овде“,
изјави претходно за Ројтерс градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук.
Во Буча, според тврдењата на украинската страна, откриена е и масовна гробница каде биле погребувани телата во првите денови од војната. Тим на Си-ен-ен, како што објави телевизиската мрежа, видел најмалку десетина тела во вреќи со тела натрупани во гробот. Локалните жителите изјавиле дека таму се закопани околу 150 луѓе.
Западните лидери, вклучително и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повикаа на истраги за воени злосторства и зголемување на санкциите кон Русија. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, вети дополнителни санкции за Русија, додека генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, рече дека независната истрага за убиените цивили во Буча е „суштинска“. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оцени дека сликите покажуваат бруталност кон цивилите, каква што не е видена во Европа со децении.