Граѓанската платформа „Македонски концепт“, која произлезе од незадоволници од ВМРО-ДПМНЕ, ќе настапи на изборите преку Социјалдемократската унија, која ја формираше своевремено Еленовски
Вкупно 15 политички субјекти, од кои четири коалиции, ќе се натпреваруваат за пратенички места на изборите на 12 април. Најголем дел од листите што синоќа до полноќ се доставени до ДИК се на вонпарламентарни партии. Од парламентарните партии, пак, листи доставија – коалициите на СДСМ („Можеме“) и на ВМРО-ДПМНЕ („Обнова“), како и ДУИ, ДПА, и коалицијата Алијанса за Албанците – Беса („Држава за сите“).
Членот на ДИК од СДСМ, Јанаке Витановски, го објави на Фејсбук списокот на политички субјекти што доставиле листи до ДИК. На изборите ќе учествува новоформираната Твоја партија, зад која стои адвокатот Александар Тортевски. Левица, која веќе има „стаж“ на избори, исто така ќе учествува во трката на 12 април.

Граѓанската платформа „Македонски концепт“, на Петар Богојески, која произлезе од незадоволници од ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, ќе настапува на изборите преку Социјалдемократската унија (СДУ). Оваа партија своевремено ја формираше сегашниот специјален претставник на земјава во Брисел за НАТО-интеграции Лазар Еленовски.
Партијата Интегра, исто така, доставила листи за учество на изборите, како и ГДУ, малку познатите Народна партија на Ромите и Демократи, МОРО-Работничка партија и Глас за Македонија, која ја формира поранешната пратеничка на СДСМ, Солза Грчева, која се залагаше за бојкот на референдумот за името. Од политичките субјекти кои беа за бојкот на референдумот, сега во изборната трка влегува и коалицијата „Никогаш Северна, само Македонија“ – на Јанко Бачев и Јове Кекеновски.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги доставија листите во ДИК синоќа по 23 часот. Дел од вонпарламентарните партии немаат листи во сите изборни единица. И овие избори ќе се организираат според пропорционалниот модел со шест изборни единици. Кандидатската листа на една партија треба да има 20 пратеници во конкретна изборна единица.
На претходните парламентарни избори – во декември 2016 година учествуваа 11 политички субјекти, шест политички партии и пет коалиции со 58 листи на кандидати.