Ниту една од предложените шест листи не се ни приближила до потребната бројка од илјада потписи во една изборна единица за учество во изборната трка
Најголемите политички партии и нивните коалиции ќе доминираат и на претстојните парламентарни избори, на кои повторно ќе нема независни кандидатски листи.
Рокот за собирање потписи од гласачи за независните листи истече синоќа, а ниту една од предложените листи не се ни приближила до потребната бројка од илјада потписи во една изборна единица за учество во изборната трка.
Од ДИК информира дека ниту еден од шестемина независни носители кои се пријавија за собирање потписи не го исполнил условот за кандидирање. Најмногу – 553 потписи собрала листата на група избирачи предводена од Горан Тасковски во изборната единица 5.
Другите носители на независни листи беа Зоран Мијалков во третата ИЕ и Исмаил Бојда во шестатат ИЕ. Емилија Гелева, Игор Цветковски и Петар Котевски, обединети во заедничка платформа, исто така поднесоа листи во три изборни единици. Нивната платформа предвидуваше поништување на договорите што македонската влада ги постигна со Грција и со Бугарија, како и на т.н. Тиранска платформа
Граѓанската платформа „Македонски концепт“ не ни почна да собира потписи за учество на изборите, иако Петар Богојески од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ најавува кандидатура.
Учеството на независни кандидати на изборите во земјава, главно, е „резервирано“ за локални избори, со оглед на високиот „цензус“ што треба да се постигне на парламентарни и на претседателски избори. Но и поради изборниот модел за пратеници со шест изборни единици, кој ги фаворизира големите политички блокови и не остава многу простор за самостоен настап на помали политички субјекти.
И додека потенцијалните независни кандидати излегоа од игра, во штабовите на големите партии викендов се прават завршните селекции пред компонирањето на кандидатските листи за пратеници. Овие листи прво ќе одат на одобрување во партиските форуми, по што треба да бидат доставени до ДИК најдоцна до 12 март на полноќ.