Петар Богојески, еден од групата реформатори во ВМРО-ДПМНЕ, објави дека од крајот на минатиот месец го става во мирување членството во оваа опозициска партија поради, како што наведува, намерата да биде граѓански, независен кандидат за пратеник.
„Никогаш нема да прифатам членство и идентитет во друга политичка партија, а моето повторно активирање во ВМРО-ДПМНЕ е условено од развојот на настаните внатре во партијата, нејзината демократизација, модернизација и европеизација, без разлика дали е на власт или во опозиција. Најголем срам за еден реформатор е да стане реставратор на она што се борел да го реформира! Јас не сум и не можам да бидам тоа! Јас не можам да поткрепам обнова на минатото, на она кое целосно ја разобличи партијата! Јас останувам убеден дека ВМРО-ДПМНЕ треба длабоко, длабоко да се реформира, ако сака воопшто да продолжи да се нарекува ВМРО!… „Денешнава ‘Обнова на бандитизмот’, простете не е моја!“,
напиша Богојески на Фејсбук.
Датумот на ставање во мирување на членството на Богојески во ВМРО-ДПМНЕ се поклопува со датумот кога тој како основач го промовираше „Македонски концепт“, граѓанска платформа со која најави настап на изборите на 12 април.
„Сведоци сме на валкани игри, политички пазар и коалиции на партии кои немаат ништо заедничко. Ние сме строго одлучни дека единствено може да излеземе пред граѓаните со сродни и јасно определени граѓани кои знаат да препознаат и да се изборат за нормална држава, кои знаат да застанат зад вредности кои 30 години ги нема во нашата држава“,
рече Богојески во своето обраќањето на промоцијата.